Фото: Принт-скрин

Смртта на Медлин Олбрајт предизвика различни реакции на Косово и во Србија, при што косовските власти се сеќаваат првата жена државен секретар на САД како на пријателка на Косово која ги препознала маките на Косовците, додека српската јавност истакнува дека таа ќе биде запаметена по антисрпската реторика и како еден од главните заговорници за бомбардирањето на НАТО врз Србија, кое почна на денешен ден пред 23 години.

Американски „Форин полиси“ наведува дека Олбрајт во текот на долгата кариера се издвоила според нејзината непоколеблива афирмација на американската моќ, со цел за одржување на мирот, како и за постигнување на неколку значителни дипломатски постигнувања. Бидејќи беше родена надвор од САД (во Чешка), таа немаше право да се кандидира за американски претседател и беше исклучена од нуклеарните планови за непредвидени ситуации.

Во изминатите две години, Олбрајт ги критикуваше барањата на Бугарија кон Македонија, нарекувајќи го бугарското вето „трагедија“, а упати и благодарност до Македонија поради согласноста за прифаќање бегалци од Авганистан. Олбрајт посети и бегалски камп во Македонија за време на косовската криза во 1999 година.

За време на нејзиниот мандат на функцијата државен секретар, се смета дека Олбрајт ги зајакна САД и сојузниците, како и оти значително влијаеше врз американската политика во Босна и Херцеговина и на Блискиот Исток.

– Доаѓам од Европа каде што почувствував дека беше напревена голема неправда бидејќи добрите луѓе чекаа предолго за да одлучат што да прават. Јас верувам во американската моќ. Тоа е мојата политичка филозофија и тоа се моите гледишта за надворешната политика, додадени на мојот карактер, токму затоа секогаш бев активистка – кажа своевремено Олбрајт.

Таа го навлече гневот на голем број Срби во поранешна Југославија поради нејзината улога во учествувањето во формулирањето на политиката на САД за време на војната во Косово и војната во БиХ, како и на остатокот од Балканот. Но, заедно со претседателот Бил Клинтон таа остана популарна фигура во остатокот од регионот, особено во Босна и Херцеговина, Косово и во Хрватска. Во рамки на 20-годишнината од влегувањето на трупите на НАТО на Косово, властите во Приштина поставија нејзина биста на плоштадот „Обрајт“, што наиде на остри реакции во српската јавност.

– Нејзините воинствени гледишта во одредени наврати ја доведоа во неволја, во медиумите и со нејзините колеги во тогашната администрација на американскиот претседател Бил Клинтон. Заговорничката за користење на американската воена сила во Босна, Олбрајт, го прекори тогашниот претседател на Здружениот штаб на САД Колин Пауел – пишува „Форин полиси“

„Која е целта на поседувањето на врвна војска за која постојано зборуваш, ако не можеме да ја употребиме“, му кажала Олбрајт на Пауел, како што тој објави во неговите мемоари.

Смртта на Олбрајт, на нејзина 84-годишна возраст, вчера беше потврдена во мејл до персоналот на групата „Олбрајт стоунбриџ“, глобална стратешка фирма основана од поранешната американска државна секретарка.