Од 18.500 Украинци кои влегле во Словенија од почетокот на конфликтот, четвртина останале во земјата.

Досега статус на привремена заштита добиле 1.225 лица, а се подготвува и прием на децата од домот за деца без родители во Луганск. Досега во Словенија се регистрирани 18.415 украински бегалци, додека на 1.225 им е доделен статус на привремена заштита.

Во владината Канцеларија за интеграција на мигранти пристигнале 198 барања за материјална помош, јавуваат медиумите.

Министерството за образование потврди дека во основните училишта во Словенија се запишани 578 бегалци од Украина, а во градинките 30 деца од предучилишна возраст.

Словенечката влада неделава одлучи да премести дел од штитениците од украинскиот дом за деца без родители во Луганск во селото Славина кај Постојна.

Владината канцеларија за мигранти соопшти дека станува збор за дваесет сирачиња на возраст од една до седум години, а со нив ќе дојдат и 18 Украинци, нивните старатели од домот за деца без родители.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, нивното пристигнување во Словенија ќе се реализира во следните десет дена.