Сегашните односи меѓу Белград и Приштина се лоши, а позициите се оддалечени, така што се мали изгледите да се оствари заедничка средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер Албин Курти, кои денеска ќе престојуваат во Берлин, по покана на германскиот канцелар Олаф Шолц. Доколку се оствари заедничката средба, тоа ќе претставува значителен исчекор, имајќи предвид дека средба на високо ниво меѓу претставници од двете земји нема од јули минатата година. Ова се прогнозите на германските медиуми, пред денешните одвоени средби на Шолц, со двајцата балкански лидери. Како главни теми на разговорите ќе бидат сегашните билатерални односи, но и прашањата поврзани со случувањата во Украина.
Експертот за Балкан и виш соработник на Советот за политика и демократизација во Берлин, Бодо Вебер, смета дека во овој момент е тешко да се очекува некаков напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Потребно е суштинско ресетирање на преговорите. Поволната можност не беше искористена, лани, со доаѓањето на американскиот претседател Џо Бајден, а пред заминувањето од власт на канцеларката Меркел – изјави Вебер за „Косово онлајн“.
Вебер нагласи дека новата германска влада го прогласи Западен Балкан за приоритет, но засега сѐ е во сенка на настаните во Украина.
На прашањето како го оценува досегашниот ефект на Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Вебер, изјави дека „без значителна политичка иницијатива на повисоки нивоа во Европската Унија и САД, на Лајчак не му преостанува ништо друго освен да „симулира политички дијалог“.
Експертот за меѓународна дипломатија Зоран Миливојевиќ, во пресрет на средбите во Берлин, изјави дека Германија ќе се обиде да го одблокира дијалогот и активно да се вклучи во решавањето на косовското прашање.
– Не очекувам да има напредок, освен ако САД не извршат притисок врз Курти. Во Берлин, меѓу другите теми ќе се разговара и за регионот, пред сѐ за БиХ и за билатералните односи меѓу Србија и Германија – изјави Миливојевиќ за „Танјуг“.

Подготвил: Митко Јовановски