Споменикот во Софија во чест на Црвената армија која ја ослободила земјата од фашистичкиот окупатор

Бугарија продолжува со ретуширањето на историјата

Од Софија „стара песна на нов глас“. Новиот аранжман е дека историските фалсификати што ги прави Софија сега се насочени кон Москва. Историчарите легитимно веќе го отвораат прашањето дали таа историска ревизија на Софија е потпомогната од некој центар на моќ надвор од Бугарија?! Деновиве како да подзапре накратко лавината напади и оспорувања на македонската нација, историја и идентитет, но тоа не значи дека на слична тема не се огласија софиските креатори на историјата по бугарски модел. Овој пат цел на напади е улогата на советската армија во ослободувањето на Бугарија, со фабрикување на историските факти за сето тоа да резултира со иницијативата за отстранување на споменикот на Советската армија во центарот на Софија.
По дипломатските скандали на релацијата Софија – Москва, проследени со протерување руски персонал од амбасадата во Бугарија, како и расправиите околу изјавите што од едната и од другата страна беа упатувани, а кои се чини, разгореа некои историски прашања, на ред дојде прашањето на Втората светска војна. Поточно, некои квазинаучници во Бугарија, охрабрени од офанзивата во прекројувањето на историските факти во врска со Македонија, почнаа да оспоруваат одредени прашања поврзани со Русија, а кои до вчера и самите ги толкуваа сосема поинаку. Сето ова беше директен повод за руската амбасадорка Елеонора Митрофанова да реагира енергично, пред сѐ, на иницијативата за отстранување на споменикот на советската армија.
– Ако не беше СССР, од Бугарија ќе останеше само Софиската Област, зашто тогаш (по Втората светска војна) стана збор за поделба на Бугарија и само Советскиот Сојуз не дозволи таа да се подели. Не само што СССР не даде таа да се подели, туку ѝ ја остави и добивката Добруџа. Поради тоа, колку и да се сложени односите, потребен е пообјективен поглед на историјата – изјави Митрофанова во интервју за „Поглед.инфо“.

Споменикот со посвета „на Советската армија – ослободителка од благодарниот бугарски народ“ по започнување на конфликтот во Украина беше испишан со навреди за рускиот претседател Владимир Путин и бојосан во украинските бои. По протестот од Москва, властите во Софија го исчистија.
Но со тоа не престанаа проблемите. Вчера беше објавено дека со специјален хуманитарен лет од Москва во Софија се враќаат 64 бугарски државјани што живеат во Русија, меѓу кои и бугарскиот амбасадор Атанас Крастин. Тоа го соопшти премиерот на Бугарија, Кирил Петков, на прес-конференцијата со премиерите на Македонија, Димитар Ковачевски, на Романија, Николае Чука, и на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот амбасадор Крастин се враќа поради консултации, како што најави Петков пред една недела.
Но наспроти ваквото дипломатско соопштение, во Софија се проценува дека со таквиот потег Бугарија испраќа сигнал до Русија да ја повлече својата амбасадорка Елеонора Митрофанова, која предизвика силен бран негативни реакции поради нејзините навреди и квалификации кон бугарските институции, нарекувајќи го премиерот Кирил Петков „функционер што немал право да ја критикува“.

Подготвил: Марјан Велевски