Хрватска

Хрватска е на пат да стане првата земја од поранешна Југославија што официјално ќе престане да го користи единствениот матичен број, доколку бидат усвоени предлозите за промена на соодветниот закон. Имено, Министерството за внатрешни работи на Хрватска го стави на јавна расправа предлог-законот за престанок на важењето на Законот за матичен број. За потсетување, Хрватска во 2009 година воведе „личен идентификациски број“ (ОИБ), кој ќе се користи наместо единствениот матичен број на граѓанинот, а во преодниот период на граѓаните им се доделуваа двата идентификациски броја, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Според новиот закон, матичните броеви на граѓаните одредени до денот на истекот на Законот за матичен број нема да се бришат од постојната евиденција и може да се користат за поврзување и размена на податоци во оние случаи кога поврзувањето на податоците не може да се врши со помош на ОИБ.
Законот за единствен матичен број на граѓанинот беше воведен низ цела поранешна Југославија во 1976 година, а потоа законот беше донесен од сите републики.
Бројот се состои од 13 цифри, од кои првите седум го претставуваат датумот на раѓање, а следните две го означуваат регионот на раѓање. Претпоследните три цифри се единствен број, а на крајот има контролна цифра.
Во пракса, ОИБ се користи речиси исклучиво, освен за координација на податоците помеѓу различни државни регистри.
При воведувањето на ОИБ, хрватските власти како предност на новиот број го посочија тоа што не ги открива личните податоци на граѓаните, но и што овозможува подобар преглед на имотот на граѓаните и правните лица. Бројот го доделува хрватското министерство за финансии.

Подготвил: Марјан Велевски