Нов квантитет, но и квалитет кај балканскиот арсенал со оружје

Првиот контингент од 50 парчиња лесно противтенковско оружје е испорачан од Велика Британија во Приштина. Цената на еден борбен сет е наводно околу 40.000 евра, што е нешто помалку од пазарната вредност. Британците во наредните месеци ќе ѝ достават на Приштина најмалку 20 лесни противтенковски системи „џевелин“, а договорена е и бесплатна обука на припадниците на косовските безбедносни сили за употреба на ова оружје.
Испораката на оружје од страна на Велика Британија на самопрогласената република Косово претставува непријателски чин кон Србија и вооружување на терористите – изјави српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин.
Претходно во српските медиуми беше објавено дека официјален Лондон на властите во Приштина им предал противоклопни ракетни системи „џевелин“ и противтенковски наведувани ракети „енлоу“, со какви што ги вооружува и паравоените формации на украинските екстремни десничарски движења. Српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со тоа очекува да добие официјално објаснување од британскиот премиер Борис Џонсон.
Сметам дека испораката на оружје од страна на Велика Британија е непријателски акт, бидејќи не може да вооружувате терористи и да се надевате на мир. Многу сум загрижен – го цитираат медиумите министерот Вулин.
Тој објасни и зошто инсистира на терминот терористи.

Им давате оружје на терористите. Тие немаат војска… според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при ОН, единствени вооружени сили на Косово и Метохија се КФОР, нема други, а вие создавате некаква војска, ги вооружувате, им давате оклопни возила, противоклопни системи, дронови, вршите обуки, слушам дека некои одат на обуки за пилоти во Турција, Албанија… – рече Вулин.
Според спомнатата Резолуција 1244, косовските власти не можат да формираат своја армија, туку да ги воспостават т.н. безбедносни сили на Косово, кои, според законот, од декември 2018 година може да имаат до 5.000 припадници. Но Приштина изминатиот период, со материјална поддршка од НАТО, ги модернизира и обучува овие единици за набрзо да ги трансформира во целосни вооружени сили, што наидува на жестоки осуди во Белград.
Во март минатата година Приштина испрати контингент од овие сили во првата меѓународна мисија како дел од американскиот контингент во Кувајт, а во мај и јуни 2021 година првпат учествуваа на воени вежби на НАТО што се одржуваа на териториите на Косово, Албанија и Хрватска.