Според првичните објавени резултати од направениот попис, во Хрватска во моментов живеат 3.888.529 лица, што е речиси за 400.000 граѓани помалку од 2011 година, кога бил направен последниот попис на населението во земјата и кога имало 4.284.889 жители. Ова меѓу другото го соопштија хрватските медиуми, кои се повикуваат на информации од Централниот завод за статистика во Загреб.
– Според првите резултати, вкупниот број на жители во земјава во моментов е 3.888.529 лица. Во Хрватска има 1.480.423 домаќинства и 2.350.444 станбени единици – објасни директорката на Централниот завод за статистика, Лидија Брковиќ.
Според директорката, доколку се направи споредба со бројките од последниот попис спроведен пред нешто повеќе од десет години, ќе се увиди дека има речиси 9,5 отсто намалување на населението во земјата.
– По жупанија, најмал пад во населението има во Загреб, потоа во Дубровничко-неретванската и Задарската жупанија. Во исто време, најголем пад е забележан во Вуковарско-сремската жупанија, каде што бројот на населението е намален за повеќе од 19 отсто – рече таа.
Новинарите на прес-конференцијата во Централниот завод за статистика посебно се интересираа кога ќе бидат објавени информациите за националната припадност.
– Прво треба да одат овие основни бројки, потоа половата и старосната структура, а потоа и остатокот. Информациите ќе се објавуваат постепено во наредните неколку месеци – соопшти директорката Брковиќ.