Грција

Грција на 20 август излегува од режимот на зголемен надворешен финансиски надзор и земјата, по 12 години, се враќа во европската нормала, па повеќе не е исклучок во еврозоната, изјави министерот за финансии на Грција, Христос Стајкурас, јави дописничката на МИА од Атина.
Стајкурас објаснува дека пред неколку дена добил писмо од извршниот потпретседател на Европската комисија, Валдис Домбровскис, и од комесарот за економија Паоло Џентилони во кое тие го потврдиле излезот на Грција од режимот на зголемен надзор и посочиле дека земјата го испорачала најголемиот дел од политичките обврски кон Еврогрупата, дека ефикасно ги спровела реформите и значително ја зајакнала отпорноста на нејзината економија.
– Со оваа разврска, заедно со предвремената отплата на кредитите од Меѓународниот монетарен фонд и укинувањето на капиталните ограничувања, по 12 години, се затвора тешко поглавје за нашата земја. Грција се враќа во европската нормалност и престанува да биде исклучок во еврозоната – вели Стајкурас.
Тој објаснува дека излезот од засилениот надзор „ја зајакнува позицијата на Грција на меѓународните пазари, обезбедува дополнителен поттик за нејзината динамика на раст и привлекување инвестиции, дава степени на слобода во водењето на економската политика и го носи поблиску постигнувањето на последната цел, односно обновувањето на инвестициската оцена“.