Пет невладини научни организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и од Србија, кои се занимаваат со роботика, технологија, истражување во вселената и иновации, до крајот на годинава ќе лансираат заеднички сателит, со помош на Индиската вселенска агенција (ИСРО). Овие организации од јуни 2022 година се здружија во Вселенска асоцијација на Југоисточна Европа, а целта им е да го здружат потенцијалот и да направат исчекор во областа на истражувањето во вселената.
Физичарот Слободан Данко-Босанац од Хрватска, во изјава за радио Слободна Европа, рече дека е потребно обединување во технолошкиот сектор, бидејќи регионот на Југоисточна Европа заостанува зад европските и светските трендови, откако политиката го уништи нејзиниот потенцијал.
– Без соработка, ние сме изолиран остров и без соработка не можеме да напредуваме. Како што Хрватска не може напред, сигурен сум и другите членки не можат да напредуваат. Соработката е услов без кој не се може – вели Босанац.
Според инженерот Никола Перовиќ од Црна Гора, главната цел на сите пет невладини организации е едукација на младите.
Индиската вселенска агенција (ИСРО), во рамките на прославата на 75-годишнината на индиската независност, кон крајот на годинава ќе лансира во вселената 75 сателити. Еден од нив ќе биде заедничкиот сателит од Југоисточна Европа, а идејата е ова да стане самостоен и заеднички проект за наредните години.