Црна Гора

Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ ќе поведе иницијатива за гласање недоверба на Владата, како и дека потпишаниот темелен договор со СПЦ ќе биде суспендиран по изборот на нова извршна власт. Од ДПС информираа дека иницијативата за гласање недоверба на Владата е отворена за сите оние што, исто така, сметаат оти извршната власт се однесува неодговорно кон националните интереси на Црна Гора, се наведува на Твитер од страна на партијата на Ѓукановиќ, која го поддржа формирањето малцинска влада на Дритан Абазовиќ.
Црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ, вчера, по потпишувањето на темелниот договор со СПЦ, изјави дека му е чест и задоволство што со денешното потпишување на договорот на убав и достоинствен начин се стави крај на процесот, кој, како што кажа, траеше предолго.
Идејата за потпишување договор со Српската православна црква е стара. Жалам што не беше реализирана во претходниот период. Владата е решена на сите верски заедници да им даде комплетно исти права. Среќни сме и задоволни ако денеска придонесовме за тоа – изјави Абазовиќ.
Српскиот патријарх Порфириј изјави дека договорот е нешто што им е потребно на државата Црна Гора и на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора.
Патријархот Порфириј изрази благодарност до премиерот Дритан Абазовиќ за сите напори што ги направи заедно со неговите соработници за потпишување на основниот договор меѓу државата Црна Гора и Српската православна црква.
Порфириј ги поздрави сите граѓани на Црна Гора, нагласувајќи: „Имаме толку многу заедничко низ вековите што навистина е луксуз да се троши време на она што нè разликува и да се истакнуваат и зголемуваат нашите разлики“.