Фото: Твитер

БиХ

Уште еден американски дипломат што ќе има силно влијание во иднината на процесите во Западен Балкан е сѐ поблиску до својата номинација во американскиот Сенат за специјален преставник за регионот, што предизвика особено внимание во босанско-херцеговската јавност. Станува збор за дипломатот Џејмс О’Брајан, кој е номиниран од страна на претседателот Џо Бајден за координатор за санкции на Стејт департментот. Неодамна тој беше на сослушување пред советот на Сенатот за надворешна политика, по што многу скоро се очекува да следува процес за гласање за негова номинација на новата позиција.
Тој се смета за клучниот Американец во подготвувањето на Дејтонскиот мировен договор, односно човекот што го напиша Уставот на Босна и Херцеговина, и се очекува токму БиХ да биде првата земја што ќе ја посети.
Според информациите од САД, администрацијата на Бајден го формира ова тело бидејќи битката со корупцијата е едно од клучните прашања во водењето на надворешната политика на оваа земја. О’Брајан својата дипломатска кариера ја започнува во моментот кога во 1989 година се приклучува на Стејт департментот како советник по прашања поврзани со дипломатијата.
Овој американски дипломат бил ангажиран во меѓународниот суд за воени злосторства извршени во поранешна Југославија, како и во формулирањето на американските санкции против Слободан Милошевиќ и Србија.
Во своето излагање пред Сенатот, тој изјавил дека колку што е можно ќе се обиде да избегне воведување санкции на Балканот.

– Доколку бидат воведени, санкциите треба да ги погодат само оние што се корумпирани во политиката и во деловниот свет и ќе постигнат ефект ако можеме да ги наметнеме во соработка со нашите сојузници и партнери. Исто така, на санкционираните ќе им укажеме што треба да направат за да им бидат укинати санкциите – изјавил О’Брајан на состанокот со кој претседавал сенаторот Роберт Менендез.
Доколку биде потврдена неговата номинација, О’Брајан сигурно ќе се занимава со Западен Балкан, каде што неколку поединци веќе добија американски санкции во последниот месец. Со воведување санкции, САД се обидуваат да ги предупредат корумпираните политичари од Западен Балкан дека нивната политика води кон уништување на демократските принципи и постојните меѓународни договори, како што е Дејтонскиот мировен договор.

Подготви: Дејан Србиновски