Ангел Џамбаски/Фото: Принт-скрин

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови, се најде опфатен во скандал во Европскиот парламент, откако неговото одмавнување со раката кон потпретседателката на ЕП, Пина Пичерно, пред да излезе од салата за пленарни седници, беше протолкувано како нацистички поздрав.

На гестот на бугарскиот европратеник реагираше претседателката на ЕП, Роберта Мецола, како и претседавачот на ЕПП, Манфред Вебер, кој побара Џамбаски да биде санкциониран.

– Фашистички поздрав во Европскиот парламент за мене е неприфатлив, секогаш и секаде. Ваквиот потег е дел од нашата најтемна историја и мора таму да остане – напиша Мецола на Твитер.

Набргу потоа на Твитер се огласи и Џамбаски, демантирајќи ги тврдењата дека упатил нацистички поздрав.

– Кога ќе помешате обичен поздрав со нацистички, имате вистински проблем со законот на Годвин. Тоа што некој не се согласува со тебе, не значи дека е нацист. Се извинувам ако мојот невин поздрав навреди некого, но ова е сериозен случај на доведување до апсурд – порача Џамбаски преку Твитер.