Фото: МНР на Бугарија

Бугарија, која од страна на Москва долго беше сметана за најпостојаниот пријател во Европа, им се придружи на земјите-членки во ЕУ во наметнување на поострите економски санкции врз Русија, се понуди да поправа воени хеликоптери и тенкови за Украина и протера руски дипломати, пишува „Њујорк тајмс“.

– Традиционално, Русија отсекогаш имала големо влијание тука, но ние бевме големо изненадување за нив. Тие не сфаќаат што се случи – кажа бугарскиот премиер Петков во интервју од минатата недела.

Влошувањето на односите помеѓу Бугарија и Русија ги покажуваат непредвидливите ефекти од војната, според „Њујорк тајмс“.

– Брзото влошување на односите со Бугарија, која важи за сиромашна но за симболично важна држава поради блиските историски врски со Русија, покажува колку различно сценарио од очекувањата понуди вооружениот конфликт во Украина, дури и надвор од боиштето – пишува американскиот весник.

Русија минатиот месец изненадно ја прекина испораката на природен гас од „Газпром“ за Бугарија, а истовремено Петков кажа дека Москва покренала сајбер-напади на бугарски компании и институции. Згора, Бугарија во март го отповика нејзиниот амбасадор во Москва, поради незадоволство од одредени изјави на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова.

Според Петков, Русија направила погрешна проценка, тестирајќи ја врз Бугарија нејзината способност за нанесување економска штета.

– Тие се обидуваат да направат пример од нас. Но, ако најзависната држава од Русија со најмал БДП во ЕУ може да си дозволи да му се спротивстави на Путин, тогаш сите би можеле да го сторат тоа – порача Петков.

Истражувањата на јавното мислење во Бугарија, сепак, покажуваат дека симпатиите кон Русија се уште се поголеми отколку во другите делови на Европа. Но, според анкета спроведена од бугарската национална телелвизија во март, повеќе од 60 отсто од бугарските граѓани се изјасниле позитивно за поостри санкции кон Москва.