Фото: Пиксабеј

Србија е во преговори со Франција за купување на најмалку 12 нови борбени авиони „Рафал“, кажа српскиот претседател Александар Вучиќ. Србија досега традиционално се одлучуваше за руските воени авиони, но би можела да купи до 24 авиони „Рафал“, според коментарите објавени на веб-сајтот на српскиот претседател, објави „Блумберг“.

– Една година преговаравме со нив (се мисли на Франција – н.з.) за купувањето 12 нови „Рафали“, а преговараме со уште една држава за купувањето на 12 половни „Рафали“ – порача Вучиќ по воена вежба во Србија одржана во саботата, без да изнесе дополнителни детали.

– Вучиќ кој доби нов претседателски мандат на изборите одржани викендов, се обидува да балансира помеѓу аспирациите на Србија за приклучување на ЕУ наспроти одржувањето на пријателските односи со Русија. Србија зависи од Русија за снабдувањето со гас, геополитичката поддршка и за одбранбени набавки. Србија не се придружи на санкциите на ЕУ врз Русија, но гласаше против Москва во однос на резолуцијата во Обединетите нации што ги осудува воените дејствија во Украина – пишува „Блумберг“.

Вучиќ најави претставување на најмоќното оружје со кое располага Србија

Србија преговара за засебна набавка на борбени авиони и со други три држави, а има намера да купи и турски борбени дронови „Бајрактар“.

Кина вчера соопшти дека нејзините воени авиони доставиле „вообичаени воени снабдувања“ во Србија. Порпаролот на министерството за надворешни работи на Кина Жао Лијан им кажа на новинарите дека акцијата била дел од годишниот план за соработка помеѓу двете држави, што не засега трети страни и нема никаква поврзаност со актуелната ситуација.

Србија тајно се снабди со современ кинески ракетен систем „пред носот“ на НАТО?

Медиумите и воените експерти завчера истакаа дека шест кинески транспортни авиони слетале во Белград во саботата, наводно пренесувајќи „Ејч Кју-22“ (HQ-22) ракетни системи земја – воздух, чија извозна верзија е позната како „ФК-3“, за српската армија. Ваквите информации не се потврдени.