Фото: МИА

На осум деца и на четворица возрасни им е потребна хоспитализација по несреќата која се случи вечерва во која автобус со српски регистерски таблички се преврте во Бугарија на автопатот Тракија, соопшти Министерството за здравство на таа држава.

Брза помош од подружниците на Центарот за итна медицинска помош во Сливен и Стара Загора веднаш реагирале на сигналот добиен нешто по 20 часот.

На лице место е извршена проценка на состојбата на оштетените и лицата кај кои е констатирана потреба од болничко лекување веднаш се транспортирани за лекарска помош во болнички услови, јавија бугарските медиуми.

Сите патници се државјани на Србија. Несреќата се случила на 216 километри во правец на Софија, кај Стара Загора. Децата биле учесници на фестивал во Несебар. Патувале од Несебар и се членови на фолклорниот ансамбл ЈУ-ЛИРА од Србија.

– Има четворица тешко повредени, но не се во животна опасност – изјави в.д. министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев во врска со состојбата на настраданите во автобуската несреќа што се случи околу 20.10 часот по локално време во близина на Стара Загора.

– Причините за несреќата се расчистуваат, но нема надворешни причини, изјави бугарскиот министер.

Меѓу повредените е и возачот на автобусот.

По наредба на главниот обвинител Иван Гешев, екипа истражители од Националната истражна служба се упати кон местото на сообраќајната несреќа кај Стара Загора – соопштија од обвинителството на Бугарија.