Хрватска

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, ги коментирал случувањата на релацијата Русија – Украина, како и тоа што ќе направи Хрватска ако дојде до ескалација на судирите.
– НАТО ја зголемува присутноста, ние со тоа не мораме да имаме ништо, ниту ќе имаме нешто. Ако дојде до ескалација, ќе ги повлечеме сите војници до последен. Тоа нема врска со Украина, туку во политиката на Бајден гледам неконзистентно и опасно однесување – рекол Милановиќ.
Притоа, тој истакнал дека откако заминал Трамп, кого демократите го напаѓале бидејќи се однесува како дадилка на политиката на Путин, новата администрација под притисок на републиканците наеднаш врши притисок на Пентагон и Бајден кон Русија да се постават цврсто.
– Гледам цврст руски интерес во Украина. На Украина не ѝ е местото во НАТО. Тие се една од најкорумпираните држави на светот. Мир. Треба да се смири политичката сцена и да не се дозволи екстремисти да вршат притисок на политиката и затоа Хрватска нема да учествува во тоа. Нема да дозволам, а Пленковиќ нека ѝ се заканува на Русија колку сака. Освен што двапати ја посети Украина, не знае што се случува. Хрватска од тоа треба да побегне, кога е пожар – затворај врата – додал тој.