Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пресметките велат дека поради миграцијата на младите, земјите од Западен Балкан секоја година губат 3,8 милијарди евра од потенцијалниот раст на БДП, како и од намалување на потрошувачката. Доколку оваа бројка се додаде на проценетите трошоци за образование, се доаѓа до сума од 5,5 милијарди евра на годишно ниво

Лоши вести за Балканот

Новата година носи лоши вести за балканскиот регион, каде што земјите, според последните податоци, се погодени од миграција и краток животен век, пишува дописникот на „Еурепортер“ од Букурешт.

Се губат милијарди поради миграцијата

Прво, според резултатите од истражувањето на фондацијата за демократија „Вестминстер“ и Институтот за развој и иновации, регионот губи милијарди евра на годишно ниво поради миграцијата на млади луѓе. За да се процени економската стапка, истражувањето ги зема предвид трошоците поврзани со образованието – 2,46 милијарди евра, како и потенцијалната загуба во растот на БДП што може да ја предизвика иселувањето на младите. Трошоците во врска со образованието финансирано од државата се различни за секого поединечно и се поврзани со нивото на образование и времето поминато на училиште – помеѓу осум и дваесет години.
Земајќи ги предвид овие варијабли, истражувањето процени дека вкупните едногодишни загуби на полето на образованието, кои се поврзани со заминувањето на младите луѓе од државите од Западен Балкан, варираат од минимум 840 милиони до 2,46 милијарди евра.
Во однос на земјите од Западен Балкан, студијата става цена на чинење од околу 25.000 евра како вкупен трошок за школување на едно лице, во кој спаѓаат трошоците за деветгодишно основно училиште, четиригодишно средно образование и просечно петгодишно високо образование. Овие трошоци за образование во земјите од Западен Балкан стануваат инвестиции во земјите приматели на млади иселеници.
Пресметките велат дека, поради миграцијата на младите, земјите од Западен Балкан секоја година губат 3,8 милијарди евра од потенцијалниот раст на БДП, како и од намалување на потрошувачката. Доколку оваа бројка се додаде на проценетите трошоци за образование, се доаѓа до сума од 5,5 милијарди евра на годишно ниво.
Голем број висококвалификувани експерти и бизнисмени имаат корист од можностите на глобализираната економија, бидејќи посакуваните земји се натпреваруваат меѓу себе, сакајќи да привлечат висококвалификувани млади луѓе и нудејќи поволни услови за влез и престој – вели Емил Атанасовски, директор за Западен Балкан во фондацијата за демократија „Вестминстер“.
Уште една причина за ова е што земјите од Источна Европа и Западен Балкан имаат долга историја на иселување и достигнуваат нивоа, кои се меѓу највисоките во светски рамки.
За разлика од некои источноевропски држави, чие население почна да мигрира дури откако тие станаа членки на ЕУ, населението од Западен Балкан почна во големи бранови да мигрира кон Западот уште пред половина век – истакна Атанасовски.

Западен Балкан

Во децениите по прогласувањето државна независност, во странство се иселиле речиси 600.000 Македонци. Последниот попис што беше спроведен на крајот на 2021 година покажа пад на населението од 10 отсто, и тоа само во последните две децении, пишува дописникот на „Еурепортер“.
Во соседна Албанија, дури 1,7 милион (37 отсто од населението) ја напуштија државата во последните три децении. Според извештајот на ОН за перспективите во однос на населението, се очекува оваа нација од речиси три милиони жители, до 2100 година да падне под еден милион.
Според податоците на Светската банка, се очекува Србија – држава со речиси 7 милиони жители, до 2050 година да има еден милион помалку. Ова ги наведе српските власти да излезат со поразителна изјава, во која се наведува дека оваа балканска нација секоја година практично губи по еден град.
Некои од причините за бујната емиграција што во текот на деценииве ја доживеа балканскиот регион може да се побараат во распадот на Југославија, граѓанските војни и економската немаштија што следуваше.
Се чини дека од сите земји во регионот, Босна и Херцеговина беше најтешко погодена, при што некои студии покажуваат дека речиси половина од населението родено во оваа западнобалканска земја повеќе не живее во неа.
Откако Хрватска влезе во ЕУ, повеќе од 250.000 илјади нејзини државјани ја напуштија земјата, во потрага по подобро платени работни места во странство. За само една деценија, населението што имаше нешто повеќе од четири милиони, се намали за речиси 10 отсто. Владата во Загреб се обидува да го спречи одливот на мозоци, ветувајќи им на Хрватите во дијаспората стимулација до 26.000 евра доколку решат да се вратат во татковината и започнат свој бизнис.

Очекуван животен век

И Бугарија се наоѓа на работ на демографска криза, со оглед на тоа дека здравствениот извештај на Европската комисија ги смести нациите од Југоисточна Европа на последното место кога станува збор за очекуваниот животен век на нејзините жители. Имено, овој извештај покажа дека, поради ковид-19, Романците и Бугарите сега умираат уште помлади одошто порано. Очекуваниот животен век во Бугарија и во Романија во 2020 година, за време на пандемијата, опадна за 1,5, односно 1,4 година – што претставува двојно повеќе од европскиот просечен пад, кој изнесува 0,7 години.
Слично како и во Романија, во Бугарија „пандемијата на ковид-19 го врати наназад напредокот во очекуваниот животен век, кој и така уште во 2019 година беше најнизок во Европа. И покрај подобрениот здравствен систем во текот на последнава деценија, неповолното влијание на континуирано високите фактори на ризик и здравствената нега претерано базирана врз болничко лекување продолжуваат да ги отежнуваат перформансите на системот“, се истакнува во извештајот.
Во периодот 2000-2019, очекуваниот животен век во Романија и во Бугарија доживеа мал пораст од четири, односно две години, но сè уште останува шест и осум години под европскиот просек.

Некои од проблемите се поврзуваат со медицинскиот систем

И покрај неодамнешното зголемување на потрошувачката, финансирањето на здравствената заштита во примарната нега е најниско од она во сите други членки на ЕУ. Слабостите во примарната заштита и превенција би можеле да бидат причина за високите стапки на смртност во Романија и во Бугарија, и тоа од болести што може да се превенираат и лекуваат.
Понатаму, во извештајот се вели дека, според процените, „дури една третина од бугарските пациенти ги заобиколуваат лекарите од примарното здравство, одејќи директно во болничките одделенија за итни случаи“.
Друг проблем што беше констатиран во извештајот на Европската комисија, а кој се однесува на здравствената ситуација во Романија и во Бугарија, секако е недостигот од медицински персонал. Во делот за Романија се вели: „Миграцијата на медицински персонал придонесе за недостиг од здравствени работници во државата, а бројот на лекари и медицински сестри по жител е далеку под просекот на ЕУ. Сево ова негативно влијае на пристапот до потребната нега и го зголемува времето на чекање“.
Во Бугарија, пак, „постојат неколку фактори што придонесуваат за недостигот од медицински сестри, вклучувајќи ги и малиот број дипломирани медицински сестри, загубата на обучени медицински сестри поради емиграција, стареењето на работната сила (просечната возраст на медицинските сестри е над 50 години), како и незадоволството од висината на платите и работните услови“.
Поранешните комунистички земји со децении се борат со овој проблем. Цели групи лекари и медицински сестри, во потрага по повисоки плати и подобри услови за работа, заминаа на работа во други европски земји, бегајќи од недоволните инвестиции во здравството, распространетата корупција и политички назначените болнички менаџери.
Покрај ситуацијата со слабиот здравствен систем, извештајот на ЕК наведува дека нездравите навики придонесуваат речиси за половина од смртните случаи во Бугарија и во Романија.

Бугарија доби мрачна процена

„Пушењето, нездравата исхрана, консумирањето алкохол и слабата физичка активност се одговорни речиси за половина од сите смртни случаи во Бугарија. Стапката на возрасни и адолесцентни пушачи е највисока во рамките на ЕУ“.
Стареењето игра огромна улога во забрзаното намалување на населението во регионот. Според најновите проекции на „Еуростат“, во 2050 година староста на населението во Романија и во Бугарија ќе се зголеми најмалку за осум години. Податоците од романскиот институт за статистика покажуваат колку рапидно стареело населението во текот на изминативе неколку години. Така, во округот Валчеа, во период од само десет години, бројот на стари лица на секои 100 млади луѓе порасна од 126 на 185. А имањето постара популација значи недостиг од достапна работна сила, но и зголемени државни трошоци за пензии и здравствена заштита.