Падобран закачен на дрво во близина на местото каде леталото се урнало/Фото: Принт-скрин

Сведоштва за инцидентот во Загреб

Од носот цела ноќ не ми излегуваше мирисот на амонијак, како од оние од фарба за коса. Еве и сеа ја чувствувам смрдеата која ја чувствував синоќа, откако од небото падна нешто, при што се виде црвена светлина, вели Јосип К., кој престојува во студентски дом во Загреб во близина на местото на кое синоќа се урна летало, во изјава за „Јутарњи лист“. Експертите веруваат дека станува збор за летало од советската ера Ту-141, чиј пад предизвикува експлозија во која нема повредени, додека се оштетени неколку автомобили.

Во Загреб се урнало летало од советската ера Ту-141, веруваат експертите

– Додека оставаше трага на небото, тој објект произведуваше силен звук, како да се забрзува, па луѓето кои проаѓаа на паркингот почнаа да бегаат. Уследи некаква детонација, но во мракот не можеше да се види ништо конкретно. А од тој мирис кој буквално задушуваше, на еден човек на велосипед му се слоши и паѓаше, па пријдоа да му помогнат некои момчиња кои се затекнаа во близина – посочува Јосип К.

Негов колега од студентскиот дом, наслушнал разговор на полицајците кои излегле на местото на инцидентот.

– Ги слушнав полицајците кои меѓусебно разговараа, бидејќи тие веќе знаеја оти паднало летало, додека ние останатите се чудевме, создававме теории на заговор и на социјалните мрежи се обидувавме да откриеме што паднало и експлодирало. Кажаа дека ја чекаат воената полиција, како и дека леталото имало доста низок лет, па баш затоа не било забележано на радарите, бидејќи контролата немала пријавен никаков лет – додава другиот студент.

Полицијата сабајлево го оградила подрачјето на кое паднало леталото за да се зачуваат доказите, бидејќи сите парчиња кои ќе се соберат имаат големо значење за истрагата, односно за решавање на мистеријата која ги вознемири загрепчани. Увидот паралелно се врши и на пошироко подрачје, каде што дел од минувачите забележале невообичаени лимени предмети, како што наведува „Јутарњи лист“.