Фото: Архива

Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил изјави дека во Србија би сакал да види прозападна влада и министри кои веруваат во стратешките насоки за кои, според него, гласале Србите, пренесе Бета.

– Би сакал да го видам тоа и разбирам дека составувањето влада е комплицирано. Кога во минатото ме прашуваа за одредени позиции, а јас давав предлози, многупати излегуваше дека сум погрешил. Не им кажувам на владите кого да стават на кои функции – изјави Хил во интервју за денешен Блиц.

Како што додаде, живееме во важни и критични времиња и ќе биде неопходно да се донесат многу важни одлуки, како оние за енергенсите.

– Би сакал да видам влада која е способна да ги надмине овие предизвици и која сака да се движи кон Запад. Многу е јасно дека народот на Србија го избра тоа – нагласи Хил.