Грција

Како што објави грчкиот весник „Та неа“, најмалку 40 монаси на Света Гора починале од ковид-19, од вкупно 1.800 монаси, околу 1.000 се разболеле, а само 500 се вакцинирани. Игуменот од еден од манастирите, архимандритот Вартоломеј за весникот вели дека процените се дека над 40 монаси починале од ковид-19, од кои двајца завчера, и додава дека некои монаси се хоспитализирани и приклучени на апарати на интензивна нега.
Според весникот, еден манастир е во карантин, два-три манастири превентивно се затворени за верниците, а меѓу постојаните жители на Света Гора има и 400 монаси од Србија, Романија, Бугарија и од Русија што категорично одбиваат да се вакцинираат и кога некои од нив се разболеле, побарале лекари од Белград, бидејќи не сакале лекување од грчки лекари. Според „Та неа“, но и според написите во грчките медиуми од изминатиот период за време на пандемијата, на Света Гора постојат постари монаси што се категорично против вакцинацијата и се најгласни меѓу антиваксерите, а наедно ги советуваат и верниците што ги посетуваат дека не треба да се вакцинираат.
По изјавите на монах од Света Гора дека постојат монаси антиваксери што со нивната реторика ги повикуваат верниците да не се вакцинираат и се одговорни за многу смртни случаи, пред неколку дена реагираше Обвинителството во Солун и поведе истрага за евентуално ширење лажни вести.

Подготви: Дејан Србиновски