Фото: Твитер/Албин Курти

Косово е подготвено да се спротивстави на можен напад од Србија како што спорот со Србите од северот се влошува, истакна косовскиот премиер Албин Курти во интервју за „Ројтерс“.

– Не треба да исклучиме дека овие агресивни политики од Белград би можеле да се претворат во напад против Косово, на еден или на друг начин. Ние сме претпазливи, но не се плашиме. Не велам дека тие ќе нѐ нападнат неделава или следната, но би било неодговорно да се исклучи можноста за зголемување на тензиите и нови конфликти – кажа Курти.

Неодамна дојде до засилување на тензиите откако Косово соопшти дека возилата на косовските жители ќе треба да имаат регистерски таблички издавани од косовските институции.

Набргу уследи и смирување на состојбата откако Курти, под притисок на САД и ЕУ, се согласи да ја одложи одлуката за регистерските таблички до 1 септември, а мировниците од НАТО го надгледуваа отстранувањето на блокадите поставени од косовските Срби. Северноатлантската алијанса има стационирани 3.700 трупи на Косово, со што соопшти дека ќе интервенира во рамки на овластувањата, ако стабилноста е загрозена.

Ако дојде до оружени судири на Косово, НАТО би го имало „последниот збор“

Србија негираше дека создава тензии и конфликт со Косово, обвинувајќи ја Приштина дека ги сузбива правата на тамошните Срби. Опозициските партии во Приштина го обвинија Курти дека внесува страв кај инвеститорите преку отворено зборување за можен нов конфликт со Белград. Курти, пак, ги отфрли таквите обвинувања и го впери прстот кон Русија како главен сојузник на Србија.

Се очекува Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ да се сретнат во Брисел на преговори следниот четврток. Белград и Приштина се обврзаа за дијалог под посредство на ЕУ за решавање на отворените прашања, но засега не е постигнат значителен напредок.