Косовската претседателка Вјоса Османи вели дека Србија се труди да го одолговлече процесот на дијалог меѓу двете држави, со цел да го претстави статусот на Косово како „незавршен процес“, јавува МИА.

Во нејзиното обраќање пред новинарите по повод првата годишнина од стапувањето на должност на чело на државата, Османи порача дека косовските институции се подготвени за дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете држави, „секогаш кога ќе бидат повикани од Европската унија“, која посредува во преговорите.

– Косовските институции ја информираа ЕУ дека се подготвени да учествуваат во дијалогот, секогаш кога ќе бидат повикани од ЕУ. Никогаш откажувањето на дијалогот не било поради неприсуство на делегација од Косово. Јас можам да ја гарантирам волјата на Косово за ангажирање во меѓусебното признавање, но не можам да гарантирам како ќе се однесува Србија. Нивните однесувања покажуваат дека нивна цел е процесот на дијалог да се развлекува-изјави Османи.

Според косовската претседателка, „доколку се слушаа заканите од Србија, Косово никогаш немаше да се прогласи за независна и суверена држава“.

Меѓутоа, порача Османи, „Косово не ќе можат да го урнат никогаш, бидејќи тој процес веќе е завршен“.