Францускиот претседател Емануел Макрон размислува да именува специјален претставник за Западен Балкан. Се очекува Франција да го именува специјалниот пратеник во јули, кога ќе заврши претседавањето со ЕУ. Засега не се знае кој ќе биде именуван, но, според некои информации, Макрон веќе се обратил за таа цел до Министерството за надворешни работи. Намерата на Макрон е да го засили своето влијание во регионот, што се виде и по тоа што токму тој го промовираше т.н. француски предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Доколку и Франција именува свој „специјалец“, тој ќе биде петти специјален пратеник на големите сили. ЕУ, САД, Германија и Велика Британија веќе имаат вакви кадри. Специјален претставник на ЕУ е Мирослав Лајчак, а негов главен фокус се преговорите меѓу Србија и Косово.
САД го имаат Габриел Ескобар, а Стјуарт Пич е специјален пратеник на Велика Британија. Од неодамна и Германија има свој претставник за Балканот, Мануел Зарацин. Тој има задача да работи на интеграцијата на земјите од регионот, како и да им помогне во спроведувањето на реформите.
Од друга страна, треба да се истакне дека од минатата недела грчката влада ја задолжи Софија Грамата за прашања од Западен Балкан.
Западните држави ги именуваат своите претставници за да имаат подобар увид во случувањата на Балканот и со намера да се забрзаат соработката во регионот и приближувањето кон Европската Унија. Ваквата ситуација особено се интензивира со почетокот на конфликтот во Украина, периодот кога во седиштето на НАТО, но и на ЕУ, се зголеми загриженоста за безбедноста во регионот, сметаат експертите.