Анализата за одбранбените трошоци на Балканот е пилот-извештај на Белградскиот центар за безбедносна политика и се однесува на трошоците во секторот на одбраната во шест балкански земји: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Србија. Во извештајот се опфатени анализи за неколку области: трошоци за одбрана, стратегиски документи, меѓународна воена соработка… Анализата има цел да ѝ обезбеди транспарентност на јавноста за тоа колку се троши за одбранбените системи во регионот. Наедно, таа понуди неколку интересни сознанија за состојбите на војските во регионот

Од истражувањето на Белградскиот центар за безбедносна политика

Компаративниот приод на Белградскиот центар за безбедносна политика во врска со одбранбените трошоци на Балканот е пилот-извештај за секторот на одбраната во шест балкански земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Србија). Тој опфаќа четири области: трошоци за одбрана, стратегиски документи, меѓународна воена соработка и жени во одбранбениот систем. Имајќи предвид дека јавниот дискурс во врска со војската во регионот понекогаш може да биде променлив и оптоварен со опасни и политизирани наративи, а наедно дека постои и ниско ниво на транспарентност на одбранбените сектори во сите горенаведени земји, прегледот има цел да ѝ обезбеди на јавноста реални факти од областа што ја истражуваше.
Она што е интересно и акцентирано во извештајот, а што, секако, треба да се има предвид, е тоа што кога станува збор за членките на НАТО во регионот, постои разлика и меѓу трошоците пријавени во НАТО и бројките во владините биланси, како што се наведува во извештајот. Овие разлики, според истражувањето, се резултат на различни методологии, но служат и како корисен политички трик да се исполнат барањата на НАТО, но и на домашната јавност.
Второ, дека САД се најголемиот донатор во одбранбениот сектор за секоја земја во регионот. И трето дека Србија е земјата-лидер, која има најмногу трошоци од сите земји на Балканот за својот одбранбен сектор.

Албанија

Прегледот покажува дека албанскиот буџет за одбрана е најмалку транспарентен и најмалку детален во регионот. Албанија има постојан пораст на воените трошоци од 2017 година, освен за 2020 година, поради пандемијата. Таа сè уште ја нема исполнето целта на НАТО за два отсто од БДП (1,38 отсто во 2021 година), трошоци што се наменети за во одбраната.
Албанија учествува во три мултинационални операции во БиХ, Косово и Јужен Судан. Таа е и единствената земја во регионот што има квота за жени во армијата (15 отсто). Државата има и најголем процент на жени офицери од 19,51 отсто, а највисокиот чин што го има една жена во албанската војска е генерал-мајор.
Албанската национална безбедносна стратегија ги смета како главни закани организираниот криминал, корумпираните поединци, тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување и оружјето со долг дострел. Што се однесува до регионалните закани, екстремниот национализам и поделените општества се сметаат за пречки за мирот.

Босна и Херцеговина

Податоците покажуваат дека речиси 90 отсто од воениот буџет на БиХ бил потрошен на персонал, а сето тоа поради политичкиот ќор-сокак во кој се наоѓа државата. Неквалитетните човечки ресурси, кои се распределуваат политички и по национален клуч, го попречуваат планирањето, а според распределбата на ресурсите, претставуваат најголем процент во регионот. Босна и Херцеговина останува единствената земја во регионот што нема усвоено голем стратегиски документ од 2007 година!
Земјата учествува во три мултинационални операции, во Мали, Централноафриканската Република и Конго. Само 6,96 отсто во војската се жени, а полковник е највисокиот чин што го има една жена во армијата.
Најголемите закани за БиХ, според нејзината национална одбранбена стратегија од 2008 година, се политичките и општествените непријателства предизвикани од војната, националистичкиот екстремизам и нецелосното спроведување на Дејтонскиот мировен договор.

Хрватска

Хрватскиот воен буџет бележи постојан раст од 2016 година наваму. Во 2021 година хрватскиот воен буџет имаше рапидно зголемување поради купувањето на 12-те француски борбени авиони „рафал“. Анализите покажуваат дека хрватскиот воен буџет е најтранспарентниот во регионот. Хрватска издвојува 1,71 отсто од својот БДП за војската.
Хрватска учествува во девет воени операции во странство, на Косово, во Медитеранот, во Ирак, Шпанија, Либија, Индија, Западна Сахара, Либан и во Кувајт. Жените во хрватската армија се застапени со 14,6 отсто, а 10,4 отсто од нив се на командни позиции. Највисокиот чин на жена е бригаден генерал.
Главните закани, според Националната одбранбена стратегија за 2017 година, се нерешените прашања за демаркација на границата со одредени соседни земји, тероризмот и политичко-разузнавачките активности што ги перципираат ЕУ и НАТО како безбедносни закани.

Црна Гора

Црна Гора троши 0,9 отсто од својот БДП за одбрана, што ја прави втора земја во регионот со најниски трошоци за одбраната. Нејзината национална безбедносна стратегија од 2019 година го смета членството во НАТО како клучен предуслов за безбедноста на државата. Црна Гора учествува во пет меѓународни воени операции на Косово, во Ирак, Западна Сахара, Мали и Сомалија. Бројот на жени во војската е зголемен за 60 отсто од 2019 до 2022 година и тие сега сочинуваат 10,35 отсто од воениот персонал.

Македонија

Македонија издвојува 1,43 отсто од својот БДП за војската и е забележан пораст од 30 отсто помеѓу 2017 и 2020 година.
Во моментов, Македонија учествува во четири мултинационални мисии, во БиХ, Косово, Либан и Централноафриканската Република. Од вооружените сили, десет отсто се жени, а Македонија е една од трите земји во регионот што именуваа жена на функцијата министер за одбрана.
Некои од најголемите закани според македонската одбранбена стратегија се недоволниот економски раст, корупцијата, организираниот криминал, радикализмот и екстремизмот.

Србија

Србија во моментов троши 2,42 отсто од својот БДП на војската, со што ја држи лидерската позиција на земји од регионот што најмногу вложуваат во одбранбениот сектор. Анализата покажува дека практично е невозможно да се поврзат оружјето и трошоците со конкретни поединечни набавки, бидејќи трошоците не се поделени по конкретни проекти. Српската национална одбранбена стратегија од 2020 година ги смета сепаратистичките аспирации, етничкиот и верскиот екстремизам, тајните активности и илегалната миграција како најголема закана за националната безбедност. Српските вооружени сили учествуваат во пет воени операции во странство, во Кипар, Либан, Централноафриканска Република, Сомалија и ДР Конго. Податоците покажуваат дека Србија има највисок процент на жени како професионални војници во регионот, со 16,31 отсто, но највисокиот чин што го имаат жените е чинот полковник.