Резултатите од студијата објавена во американското научно списание „Ваксинс“ покажуваат дека клеточниот имунитет, измерен преку концентрацијата на интерферон гама, претставува долгорочна заштита од ковид-19 и до 20 месеци по инфекцијата и/или вакцинацијата

Хрватските научници дојдоа до исклучително важно медицинско откритие

Научното списание „Ваксинс“, едно од списанијата на Американското здружение на виролози, објави исклучително важни истражувачки резултати на научниците од хрватската специјална болница „Св. Катарина“ и Германската универзитетска болница во Бон, кои ги анализирале долготрајноста и ефективноста на клеточниот имунитет кај популација од 200 испитаници.

Кои се заклучоците на студијата?

Резултатите од студијата покажуваат дека клеточниот имунитет, измерен преку концентрацијата на интерферон гама (IFNγ), претставува долгорочна заштита од ковид-19 до 20 месеци по инфекцијата и/или вакцинацијата. Утврдено е дека нивото на клеточен имунитет кај лицата вакцинирани и/или што прележале ковид-19 не се намалува со текот на времето. Од друга страна, нивото на клеточен имунитет не се разликува статистички значајно кај испитаниците што го надминале ковид-19 во споредба со оние што биле вакцинирани со една од достапните вакцини. Групата што прележала ковид-19 и била вакцинирана имала статистички значително највисоко ниво на клеточен имунитет.
За време на студијата, испитаниците беа поделени во четири различни групи: лица со претходна инфекција, лица вакцинирани против ковид, лица што претходно имале ковид-19, а потоа дополнително биле вакцинирани и група невакцинирани лица што не прележале ковид-19.
Авторите забележуваат дека овие податоци се собрани непосредно пред појавата на омикрон-сојот и дека поради повеќе од 30 мутации во протеинот С од овој вид, и како што се очекуваше, се појавија многу поголем број пробивни инфекции и реинфекции со вирусот.
Оваа студија ја нагласува важната улога на клеточниот имунитет предизвикан од Т-лимфоцитите во долгорочната заштита од ковид-19 и се очекува претстојните истражувања во областа на клеточната имунолошка одбрана да придонесат за подобар увид во имунопатогенезата на ковид-19 и третманот на пандемијата од страна на јавното здравство.

Која е разликата на имунолошкиот одговор на организмот во однос на вирусите: Еден е клеточен, а друг е хуморален имунитет

Авторите нагласуваат дека имунолошкиот одговор на организмот во однос на вирусите се состои од две клучни компоненти: клеточен и хуморален имунитет. Едноставно кажано, хуморалниот имунитет го сочинуваат антителата што го неутрализираат вирусот и на тој начин го спречуваат навлегувањето во здравите клетки. Клеточниот имунолошки одговор се заснова на активирање на цитотоксичните Т-лимфоцити, а во нивното активирање учествуваат и помошните лимфоцити Т. Цитотоксичните Т-лимфоцити ги препознаваат клетките инфицирани со вирус и ги уништуваат со лачење голем број ензими и соединенија, како што е интерферон гама (IFNγ), со што се спречува понатамошното ширење на вирусот.
„Го потврдивме она што некои други научници го забележаа, а тоа е дека мерењето на нивото на антителата не може да ги предвиди силата и трајноста на клеточниот имунитет. За време на долгиот процес на рецензија на нашата работа, го продолживме нашето истражување и досега обработивме повеќе од илјада испитаници, но бидејќи нашата неодамна објавена студија беше направена пред варијантата омикрон, нашата следна цел ќе биде постојано да го следиме времетраењето на клеточниот имунитет во сите четири групи, но и на нови варијанти на САРС-КоВ-2 како што е омикронската варијанта“, рече проф. д-р Драган Приморац, еден од водачите на истражувањето.
Од своја страна, д-р Маријо Парчина, од Германската универзитетска болница во Бон ја нагласува важноста на слабата индукција на хуморалниот имунитет како имунолошка карактеристика на повеќето респираторни инфекции.
„Дијагностичката примена на тестовите за ослободување на интерферон гама ќе добива сѐ повеќе на значење, и тоа не само во контекст на респираторните инфекции, туку и во рамките на примената на вакцините. И покрај сложеноста на овој тест, ние како лекари сè повеќе ќе мораме да користиме вакви и слични дијагностички алатки, кои ни овозможуваат да ја измериме јачината на одговорот на Т-клетките на поединецот на единствен и многу прецизен начин“, рече д-р Марио Парчина.

Чекор напред да се исконтролира пандемијата

„Им благодарам на сите колеги и испитаници што учествуваа во оваа студија, за време на која добивме важни резултати што ни помагаат да го разбереме одговорот на нашето тело на инфекцијата со вирусот САРС-КоВ-2. Од почетокот на пандемијата укажувам на важноста на клеточниот имунитет, за што покажавме дека е клучот за долгорочна заштита од ковид-19. Сега стана очигледно дека определувањето на клеточниот имунитет станува исклучително важно не само за поединецот туку и за објективизација на статусот на населението изложено на вирусот САРС-КоВ-2, сѐ со цел да се контролира моменталната пандемија“, изјави проф. д-р Драган Приморац, еден од водачите на истражувањето.

Подготвил: Марјан Велевски