Хрватска

Хрватската комисија за одлучување за судир на интереси едногласно го казни поранешниот министер за државен имот и актуелен министер за одбрана Марио Баножиќ со 7.000 куни (околу 930 евра), за три одлуки што ги донел во летото 2019 година.
Тој е казнет затоа што во јули 2019 година прво решил за себе да одвои службен стан во Илица од 33 квадратни метри, а потоа во септември 2019 година решил да додели три стана за службени лица, од кои едниот за себе – си доделил службен стан од 92 квадратни метри во улицата Гундулиќева во Загреб, најголемиот од трите достапни во тоа време.
Комисијата едногласно утврди дека министерот одлучувајќи по сопствен случај ги злоупотребил посебните права на функционерите, т.е. членот 7 од Законот за спречување судир на интереси. Законот налага функционерите да не одлучуваат за себе, за членовите на своето семејство и за другите заинтересирани страни, туку во такви ситуации да се исклучат од одлучувањето и да им го препуштат одлучувањето на другите.
Министерот се соочи и со судот на јавноста. Најостар во критиките и нападите, се чини, беше хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој дури бараше и затворска казна за Баножиќ.