Фото: Фејсбук/Красимир Каракачанов

Бугарија

Красимир Каракачанов, актуелниот претседател на десничарската бугарска партија ВМРО-БНД, се откажува од лидерското место во партијата. Ова тој го објави на својот Фејсбук-профил, на 10 дена пред партискиот Конгрес и предлага нов систем на водење на партијата и неколку потенцијални кандидати за ново раководно тело.

Во ова негово обраќање тој потенцира дека минатата година била тешка за партијата, која на последните избори не доби ниту еден пратеник, но дека додека биле на власт постигнале многу, особено, како што вели, за едно од најболните теми за Бугарија – прашањето за Македонија.

– Една од најважните работи – го свртевме вниманието на јавноста на тема која е болна за Бугарија – Македонија. Тема на која државата со години намерно молчи. Да речеме директно – благодарение на ВМРО, во Владата и Парламентот беа поставени јасни и дефинитивни услови за членство на Македонија во ЕУ, а не се исполнуваа странските нарачки. На овој начин овозможивме заеднички цврст став, кој, како што гледате, го имаат предвид и денешните владетели – напиша Каракачанов на Фејсбук.

Тој и неговата партија беа дел од Парламентот и од Владата на поранешниот премиер Бојко Борисов, како коалициски партнери на сега опозициската ГЕРБ. До последните избори, на кои победи партијата „Промената продолжува“ на актуелниот бугарски премиер Кирил Петков, ВМРО имаше 12 пратеници. Сега не се дел од новиот парламентарен состав.

Во своето обраќање до делегатите на претстојниот Конгрес и членството, Каракачанов акцент става на преговорите со Македонија.

– И повторно темата за членството на Македонија во ЕУ и битката што мора да се води за да се избегнат историски грешки и компромиси во име на туѓи интереси – како оние што ги направија комунистите во 1946 година. Не смееме да дозволиме предавство од тргување со интересите на нашите браќа и сестри со бугарски идентитет од другата страна на границата. Сето тоа се теми за кои ние во ВМРО со години се бориме – вели Каракачанов.

Тој бара на Конгресот да не се влегува во дебата кој е најдобар, туку, како што вели, „да се појде кон нова, но всушност традиционална формула за ВМРО, и да се избере копретседателство од тројца членови, а партијата да работи на враќање во Парламентот. Каракачанов дава и предлог кои партиски членови би требало да бидат кандидати за тоа претседателство – европратеникот Ангел Џамбаски, Искрен Веселинов, Александар Сиди и Јулијан Ангелов.

За себе вели дека ќе чека Конгресот и делегатите да одлучат што тој ќе работи во партијата.