Мој драг маршале Тито… со овие зборови Вилијам Донован, познат и како Дивиот Бил, оснивачот на американскиот Уред за стратешки услуги (ОСС) кој претставува претходница на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), го почнал писмото упатено до претседателот на СФР Југославија Јосип Броз – Тито на 10 јули 1944 година. Во писмото кое се наоѓа во архивите на ЦИА под шифрата „RDP13X00001R000100200007-5“, Американецот го информира југословенскиот лидер дека полковникот Теодор Холдахл е одреден за негов личен претставник во штабот на Тито. Писмото завршува со зборовите „те молам, биди уверен дека наша желба е потполно да соработуваме со тебе во нашите заеднички потфати“.

Донован набргу потоа го имал првиот состанок со Тито, кој траел пет часа, на 10 август 1944 година во италијанска Казерта, а тамошните американски претставници утредента приредиле свечен ручек за југословенскиот лидер во вилата „Фортуно“ на Капри.

Вилијам Донован/Фото: Национален архив

– Тито, сепак, упатил формален протест кон Американците на 5 септември 1944 година откако дознал дека имаат мисија и кај четниците, по што им наредил на неговите трупи да имаат резервиран однос кон ОСС. Набргу потоа, Тито бил известен од Американците дека нивните офицери за врска се повлечени и оти мисијата „Ренџер“ била неофицијална, односно насочена исклучиво на разузнавачки информации и на спасување на соборените американски пилоти. Со повлекувањето на мисијата, Тито дозволил понатамошно движење на теренот на Американците и нивно користење на југословенските бази, преку кои почнале разузнавачки да продираат во Австрија, Унгарија, Чешка, Словачка, Романија, со што тргнале во посериозна борба со нацистичките сили во тие држави – пишува српски „Недељник“.

Донован, кој во текст објавен во белградска „Политика“ е наречен и „идеен творец на ЦИА и на Југославија“, претставува и херој од Првата светска војна, односно првиот американски офицер одликуван со Крстот за заслуги и со медалот на честа. Но, помалку познато е дека помеѓу двете светски војни го посетил Белград каде што им оддал почит на загинатите српски војници во Првата светска војна. Уште поинтригрантно е што Донован тогаш имал контакти со политичарите и офицерите од Кралството Југославија, а во текот и по Втората светска војна и со Народноослободителната војска на Југославија, односно со југословенските власти. На Донован му се припишува дека одлично соработувал со Јосип Броз – Тито, иако бил осведочен антикомунист, а во прилог на ваквите тврдења оди и писмото упатено до југословенскиот лидер. Донован бил и личен пријател на американскиот претседател Френклин Рузвелт кој кон крајот на 1940 година го испраќа во посета на Атина, Софија, а потоа и во Белград, со цел за процена на ситуацијата во Европа и одвраќање на балканските држави од сојуз со нацистичка Германија.