Фото: Фејсбук-страница на српскиот претседател

Александар Вучиќ, кандидатот на Српската напредна партија и актуелен шеф на српската држава, победи во првиот круг од претседателските избори во Србија со 59,8 отсто гласови, покажуваат првите процени на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) врз основа на 55,6 отсто од обработениот примерок.

На второ место е опозицискиот кандидат Здравко Понош со 17,1 отсто од гласовите.

На гласање излегле 59 отсто од гласачите, објави ЦЕСИД.

На претходните избори во 2022 година излезноста беше 48,88 отсто.

На парламентарните избори, на изброени 62,5 отсто од примерокот, листата на СНС Александар Вучиќ – Заедно можеме освои 43,6 отсто од гласовите.

Листата на Мариника Тепиќ – Обединети за победа на Србија има 12,9 отсто, а на СПС Ивица Дачиќ – премиер на Србија – 11,6 отсто.

Цензусот од три проценти го поминаа уште четири листи и претставници на малцинските партии, објави ЦЕСИД.

Изборите ги обележаа гужви на избирачките места и инциденти, а беа нападнати и двајца политичари – Павле Грбовиќ од Движењето на слободните граѓани (ПСГ) и Братислав Југовиќ од Српската напредна партија (СНС).

Во Србија има 6.502.307 гласачи, покажуваат податоците што ги објави Републичката изборна комисија два дена пред изборите.

На изборите имаше рекорден број набљудувачи – повеќе од 5.200 од девет домашни организации и 23 странски држави, соопштија претставници на Републичката изборна комисија.