Фото: Принт-скрин

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ Бојко Борисов ја помина изминатата ноќ во притвор, откако синоќа беше приведен заедно со неговата советничка за медиуми Севдалина Арнаудова и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, пренесуваат бугарските медиуми.

Според адвокатот Људмил Рангелов, Борисов најверојатно ќе биде ослободен по истекот на 24-часовниот притвор.

– Тој мора да биде пуштен најдоцна околу 22 часот. Другата опција е обвинител да го одведе во притвор од 72 часа. После тоа, Обвинителството може да го изнесе пред судот за трајна мерка притвор – објасни тој за „Ало Бугарија“.

Обвинителството на Бугарија сѐ уште не е информирано за спроведување на „итни истраги“ против политичари, како што беше соопштено по синоќешното апсење на Борисов. Од бугарското Министерство за надворешни работи, пак, соопштија дека се работело за „итна акција“, што значи дека за неа не било известено обвинителството. Станува збор за голема акција во врска со 120 случаи на Европското обвинителство во Бугарија.

– Имаме ваква ситуација кога е потребна итна акција за да се спречи криминалот или да се соберат докази. Секое одложување би ја уништило истрагата – објасни Рангелов.

Според бугарските закони, при спроведување на „итни“ истражни дејствија, протоколите треба да се доставуваат до обвинител за одобрување, со што обвинителството посочи дека ќе ја извести јавноста кога тоа ќе се случи.