Македонците од населените места во општината Пустец, но и во цела Албанија, се собраа во селото Глобочани, родното место на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе, каде што одржаа голем научен собир, по повод Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. По тој повод беше организиран научен собир во коорганизација на македонското друштво „Сонце“ од Албанија, универзитетот „Фан Ноли“ од Корча, Албанија, и друштвото за литература и култура „Мацково“ од Охрид.
Учесниците на собирот ги поздрави Васил Стерјоски, прв пратеник Македонец во албанскиот парламент и претседател на политичка партија на Македонците – МАЕИ.
Централен настан беше промоцијата на капиталното дело „Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“ од проф. д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка. Студијата се фокусира на меѓусебните социокултурни влијанија меѓу Албанците и припадниците на македонската заедница во регионот на Корча.
Жителите на македонската заедница носат културни вредности како што се толеранција, разбирање, соработка, образование, патриотизам, кои им помогнаа на овие жители да живеат успешно и достоинствено меѓу двете култури.

Во овој соживот се забележува истрајноста во одржувањето на кохерентноста на етничкото друштво, каде што во секоја социокултурна ситуација овој етникум се јавува хомоген и со јасни идентитетски и културни контури – пишува, меѓу другото, Мариа Дојче.
Исто така, беше претставено и литературното творештво на писателот Васил Шумка, по потекло од селото Долна Горица, во општината Пустец, а на четиригодишнината од неговата смрт беа одбележани поменот и споменот за животот и делото на Спасе Мазенковски. За творештвото на Мазенкоски говореше професор д-р Катерина Тодоровска од Институтот за национална историја во Скопје, која нагласи дека Мазенковски е познат поет, писател, новинар и публицист по потекло од селото Леска, кој го уредуваше весникот „Мала Преспа“.
Специјален гостин на чествувањето на 24 Мај беше хрватскиот поет и македонист Валерио Орлиќ, кој читаше свои стихови пред паметникот на Стерјо Спасе. За оваа пригода, од Тирана во Пустец пристигнаа и говореа хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, и амбасадорот на Македонија, Данчо Марковски.

Подготвил: Марјан Велевски