Грчката јавно-здравствена организација (ЕОДИ) објави дека бројката на заразени со коронавирус повторно расте во земјата. Во болниците во Грција завчера се примени 192 пациенти со ковид, што е за 13,6 отсто повеќе од претходниот ден, а просечната возраст на заболените е 37 години.
Експертите посочуваат дека новиот бран на пандемијата започна на почетокот на јуни и сега е во фаза на развој во Грција, а имунитетот на новите варијанти на коронавирусот трае пократко од порано.
Во четвртокот се регистрирани 10.474 нови случаи на заразени со коронавирус, а починале 17 лица, додека на респиратор се 88 пациенти, кои се во тешка состојба. Тоа се претежно невакцинирани или делумно вакцинирани лица.
Засега со висок ризик се островите каде што има концентрација на туристи.
Секој втор тест на островот Миконос е позитивен на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Миконос води со скокот по бројот на заразени за 50,89 отсто, Санторини е втор (33,51 отсто), а Милос е трет (32,31 отсто). Со зголемување на бројот на заразени над 20 отсто, следуваат Парос, Западна Атика, каде што се и Атина и Карпатос, додека на другите поголеми острови и во градовите во Грција порастот е од 10 на 20 отсто.
Лекарите ги советуваат туристите при летување во Грција треба да бидат внимателни за време на престојот во туристичките места и да ги следат личните мерки на претпазливост. Има грчки здравствени експерти што се залагаат повторно да се преземат мерки за ублажување на пандемијата, кои беа целосно укинати со почетокот на туристичката сезона на 1 мај.

Подготвил: Митко Јовановски