Словенија

Љубљана сака Хрватска што поскоро да влезе во шенген-зоната, но смета оти пред тоа треба да се решат некои отворени прашања за заедничкиот граничен простор на ЕУ, кој во моментов не функционира.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб, пред новинарите на самитот на НАТО во Мадрид, посочи на засилените контроли кај некои актуелни членки на шенген што траат веќе неколку години, на што Словенија се противи, особено кога станува збор за постапките на соседната Австрија.
– И Словенија го чувствува проблемот со нефункционирањето на шенген-зоната на границата со Австрија, која спроведува зголемена гранична контрола кон Словенија – рече словенечкиот премиер.
Советот на Европската Унија во средата почна постапка за донесување одлука за прием на Хрватска во шенген-зоната, барајќи од Европскиот парламент позитивно мислење, што е неопходен предуслов за конечната одлука, соопштија дипломатски извори. Советот предложи граничните контроли на копнените и поморските граници на Хрватска со земјите од шенген да се укинат од 1 јануари 2023 година, а на аеродромите од 26 март следната година.