Некои од најголемите европски увозници на гас се подготвуваат да се согласат со барањето на Владимир Путин да го платат гасот во руски рубли. Големите дистрибутери на гас во Германија, Австрија, Унгарија и во Словачка планираат да отворат сметки во рубли кај „Гаспромбанк“ во Швајцарија, за да го задоволат барањето на Русија за плаќање на гасот во таа валута. Групата ги вклучува двата најголеми увозници на руски гас – германски „Унипер“ и австриски ОМВ, објави „Фајненшл тајмс“. Критичарите велат дека таквиот потег ќе ги поткопа европските санкции кон Русија, како и единството на Европската Унија и на крајот ќе одлее милијарди во руската економија.
Наспроти информацијата за прекин на испораката на руски гас за Бугарија, засега транзитот на овој енергент се одвива без прекин за Србија и за Унгарија. изјавија владини претставници во Белград и во Будимпешта.
– Редовно примаме гас во договорени количества преку гасоводот „Балкански тек“ – изјави во средата српската министерка за енергетика Зорана Михајловиќ.
Слична изјава даде и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сизјарто.