Ружа Игнатова/Фото: Принт-скрин

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја додаде Бугарката Ружа Игнатова, позната како „криптокралицата“, на листата на десетте најбарани бегалци, пренесуваат светските медиуми. Таа е барана поради поврзаност со наводна пирамидална крипто-измама вредна четири милијарди долари. ФБИ понуди награда од 100 илјади долари за информации што ќе резултираат со апсење на Игнатова.

Таа е основач на компанијата „Онкоин“ зад која се крие наводната измама. Игнатова патуваше низ светот на конференции на кои ја промовираше „Онкоин“ како „убиец на биткоионот“, но инвеститорите открија дека компанијата всушност не поседувала никаква блокчејн-технологија.

Фото: Принт-скрин

САД издадоа федерален налог за нејзино апсење во 2017 година, во која на Игнатова ѝ се губи трагата. Според соопштението на ФБИ, познато е оти таа патувала од Софија до Атина во октомври 2017 година. А како нејзини можни дестинации се посочуваат Обединетите Арапски Емирати, Бугарија, Германија, Русија, Грција и други во Источна Европа.

ФБИ образложи дека Игнатова доспеала на листата бидејќи се верува оти патува со вооружено обезбедување. Американците посочуваат дека е можно таа да направила хируршки зафати за да го измени изгледот.

Во мај 2019 година, беше уапсен братот на Игнатова, Константин, кој го презема управувањето со „Онкоин“ во нејзино отсуство. Тој се изјасни како виновен за обвиненијата што вклучуваа перење на пари и измама во ноември истата година.

Игнатова претходно беше додадена и на листата на Европол на најбарани бегалци во Европа, во мај годинава.