Фото: Фејсбук/Бојко Борисов

Апсењето на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов минатата недела претставува знак дека новиот бугарски лидер Кирил Петков е сериозен во однос на ветувањето за борба против организираниот криминал и корупцијата кои ја измачуваат Бугарија, пишува „Политико“.

Но, брзото пуштање на Борисов од притвор и колебливоста на обвинителството да покрене обвиненија против него, исто така претставуваат јасен сигнал дека на неискусниот Петков ќе му биде потребна надворешна помош за да победи во неговата борба против корупцијата.

Тука стапува на сцена јавната обвинителка на ЕУ, Лаура Кодрута Кевеси. Бугарскиот случај ќе биде првата голема прилика за Романката да покаже дека новата функција може да има ефективна улога во воспоставување на владеењето на правото, во држава каде што Брисел долго време ги игнорираше корупцијата и злоупотребата на европските фондови.

Згора, Кевеси во Софија ја имаше првата посета на главен град во земја-членка на ЕУ откако ја презема функцијата, минатата година, а повторно ја посети бугарската престолнина минатата недела, непосредно пред апсењето на Борисов. А Петков сега ја пропагира идејата дека има моќен меѓународен сојузник во борбата против корупцијата.

Политичкиот театар на апсењета, организиран од министерството за внатрешни работи, речиси веднаш се претвори во фарса, кога триото приведени беа пуштени без обвинение. Оттогаш владата на Петков и обвинителството разменуваа обвинувања за грешки, одмазди и опструкција. Случајот е отворен и истрагата е во тек, но бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев не го крие незадоволството од владините постапки.

Засега не е јасно дали Кевеси има моќ да помогне во борбата против корупцијата која наизглед ќе биде тешка и долга. Бугарите исто така се скептични во однос на намерите на ЕУ во однос на одбраната на владеењето на правото.

– Многумина тука велат дека Бугарија е заробена држава. Ние ќе ја продолжиме борбата за Бугарија да биде слободна евроска држава. Борбата ќе биде кратка, но таа почна и ние ќе работиме со европските инструменти за да ја истуркаме Бугарија на следното ниво – порача Петков.