Од ЕБРД предупредуваат дека сите проекции се подложни на големи негативни ризици

ЕБРД со нови прогнози за годинава

Повеќето земји од Западен Балкан ќе остварат пониски стапки на раст во споредба со процените што се направени во март годинава. Европската банка за обнова и развој, во извештајот „Економските можности во регионот“ за овој месец, прогнозира намалување на економскиот раст во повеќе земји од Централна и Источна Европа. Овие процени се должат на војната во Украина и длабокото влијание на економиите во сите земји во регионот.
Според новите процени на ЕБРД, растот на Хрватска за 2022 година е намален за 0,2 процентни поени и ќе изнесува три отсто. За следната година хрватскиот раст е намален за половина процентен поен, односно на 3,5 отсто. Годинава словенечката економија ќе порасне за 3,5 отсто, што е за 0,1 процентен поен пониско од очекувањата во март. За 2023 година, Словенија ќе оствари три отсто раст. За Албанија се предвидува раст на бруто-домашниот производ од три проценти, а следната година албанската економија ќе расте за 3,3 отсто. Прогнозата за годинава е намалена за 0,2 процентни поени. За Црна Гора, Македонија и за Косово процените за раст за 2022 година остануваат непроменети, односно 3,7 отсто, три отсто и четири отсто респективно. Единствен раст е предвиден за Босна и Херцеговина, која годинава ќе забележи раст од три отсто, а коригираната вредност изнесува 0,7 процентни поени.

ЕБРД ја задржа прогнозата за растот на Србија на 3,3 отсто за годинава и на 4 отсто во 2023 година. По силниот раст од 2021 година, се очекува српската економија да продолжи со истиот тренд, но со пониска стапка во 2022 година.
Во извештајот на ЕБРД во делот посветен на Србија се нагласува дека минатата година земјата остварила раст од 7.4 отсто, што било над очекувањата на економистите. Ваквиот раст бил одржан поради силната експанзија на извозот и индустријата, проследен со економското заздравување на ЕУ. Клучни негативни ризици за растот на БДП за годинава се инфлацијата и зголемената неизвесност, поврзани со геополитичките движења, што ќе го забави извозот на Србија во ЕУ. Исто така, се предупредува на високата изложеност на Србија кон Русија во поглед на увозот на гас.
Од ЕБРД предупредуваат дека сите проекции се подложни на големи негативни ризици, доколку ексалираат воените дејства или доколку извозот на нафта, гас и други производи од Русија се изложат на поостри рестрикции. Посебен проблем ќе биде високиот раст на цените на нафтата и гасот, како и на цената на пченицата, пченката, сојата и другите земјоделски производи, што ќе влијае на зголемување на инфлаторните притисоци. Просечната инфлација во регионот на ЕБРД достигнала 11,9 отсто во март 2022.

Подготвил: Митко Јовановски