Една девојка загина во синоќешниот земјотрес кој ја погоди БиХ во 23 часот и седум минути,кога голема карпа паднала врз нејзината куќа во Столац, Босна и Херцеговина. Таа била однесена во болницата во Мостар во тешка состојба и докторите не можеле да и го спасат животот. Нејзините родители биле полесно повредени.

Епицентарот на потресот бил во Херцеговина, на 15 километри од Столац. Хрватската сеизмолошка служба информира дека земјотресот бил со јачина од 6,1 степени, а ЕМСЦ тврди дека земјотресот бил со јачина од 5,8 степени

Освен во Столац, пријавена е и материјална штета во Мостар каде што се урнал оџак, како и во Љубиње и Чапљина.

Корисниците на социјалните мрежи објавија и фотографии од помали одрони на некои патишта во Херцеговина кои наводно биле предизвикани од потресот.

Синоќешниот земјотрес со епицентар во БиХ е почувствуван и во Македонија, Црна Гора, Хрватска, Србија, Словенија, Италија и Албанија.

По него, регистрирани се 30 помали земјотреси со епицентар во БиХ.

Најсилниот бил утрово во 4.20 часот, кој бил со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала. Во 2.59 часот бил 4,3 степени, во 2.02 бил 2,6 степени, а во 1.55 бил 2,9 степени според Рихтеровата скала.

Епицентрите на сите земјотреси биле кај Столац.