Еден месец по страшната автобуска несреќа на автопатот Струма во Бугарија, во која загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седуммина беа повредени, сообраќајот е повторно целосно воспоставен – објави МИА.

– На местото на несреќата заменети се старите заштитни огради со нови, обновени се знаците, а максималната дозволена брзина останува 120 км/ч – стои во објавата.

Венец во спомен на жртвите на несреќата е поставен на знакот „32 км”.

По несреќата, сообраќајот по коловозната лента за Дупница и Кулата беше затворен за сообраќај, за вршење увид и истражни дејствија на Агенцијата за патна помош на Бугарија, со цел да се утврди дали се било во рамките на законските норми.

Според најавите на бугарските истражни служби, резултатите од вештачењата (судско-медицинското, техничкото и пожарно-техничкото) за автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма“ би можеле да бидат готови до недела.

– Првичните податоци укажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен – изјави шефот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов.