Во балканскиот политички јазол, едно од горливите прашања и натаму останува Косово, каде што се судираат интересите на две најмногубројни нации. Засега ниту Соединетите Американски Држави, ниту, пак, Европската Унија не успеваат да го решат прашањето за Косово. Некои аналитичари оценуваат дека решението се крие на трета страна. Дали клучот за компромисот меѓу Белград и Приштина, всушност, лежи во односите меѓу Србија и Албанија? Дали ако се изгради оската Белград – Тирана, таа може да послужи како основа за решение?

Приближување на ставовите на Вучиќ и на Рама за Косово

Доколку решението за Косово се најде на релацијата Белград – Тирана, за ваквата ситуација, аналитичарите ќе им ги припишат заслугите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и на актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама. Иако двајцата лидери, на почетокот од своите мандати беа лути противници и редовно разменуваа „отровни стрели“ при заедничките средби, почнувајќи од 2014, осум години подоцна, работите почнаа дијаметрално да се менуваат.
Деновиве, таа ситуација кулминира со изјавата на албанскиот премиер Рама, во која тој најжестоко ја брани Србија и ја шокира среде Приштина тамошната јавност затоа што го нарече Вучиќ „брат“. Во истиот контекст, пред само три дена, Рама, зборувајќи за санкциите против Русија, предупреди дека Европската Унија „треба да биде внимателна со Србија и да не бара од Белград нешто што не може да го исполни“.
Дали Албанија може да биде таа што ќе го отвори патот за решавање на косовското прашање? Желбата секако постои, но не е семоќна, вели историчарот Предраг Марковиќ.
– Секогаш кога Косово беше мирно, ние имавме добри односи со Тирана. Албанија влијаеше на смирувањето на тензиите во 1930-тите, а на крајот на 1990-тите, тоа беше последниот обид на Албанија да ја смири војната во Косово. Немаме проблем со Тирана, но таа не ја контролира Приштина. Таму сè уште функционира владеењето на бандити и разбојници. Албанија секако има желба, но прашање е колкав е нејзиниот опсег – забележува Марковиќ.
Тој посочува дека Аљбин Курти не е ни под контрола на квинтата, петте најмоќни држави во Европа.
– Се покажа дека тоа не е конструктивно и дека е многу тешко да се контролира. А ние имаме долга врска, живееме со Албанците со векови, нивните благородници се дел од нашата средновековна држава, дел од Немањиќската хиерархија – истакнува Марковиќ.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина покажува дека треба да се бара ново решение, тој е во ќор-сокак и ниту ЕУ ниту САД не успеваат да договорат средба на главните преговарачи. Последен пат кога Вучиќ и Курти се сретнаа во Брисел во јули минатата година, средбата заврши без никаков договор.
Јасно е дека има долг пат од оваа точка до компромис, а можеби врската меѓу Белград и Тирана може да биде кратенка, изјави политичкиот аналитичар од Приштина и директорот на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи, Фатмир Шехоли.
– Прашањето за нормализација на односите меѓу Косово и Србија главно зависи од посредниците, односно од ЕУ и од САД. Сепак, добрите односи меѓу Србија и Албанија можат да помогнат да се создаде подобра атмосфера меѓу Србија и Косово. Косово е независна држава и во таа смисла никој, па ни Албанија, не може да влијае на решавањето на тој дијалог, но Албанија може да помогне и да го отвори патот за иднината на односите меѓу Албанците и Србите – оценува Шехоли.
Кога последен пат зборуваше на оваа тема, Рама, додека престојуваше во Приштина на крајот на јуни, рече дека „не сака да се меша во дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека тоа е внатрешно прашање“.
А Шехоли вели дека во Приштина се забележани добрите односи меѓу Србија и Албанија.
– Забележано е дека, како никогаш досега во историјата на Албанија и Србија, односите меѓу државите се на многу добро ниво. Рама е многу критикуван за неговиот пристап кон Вучиќ и Србија, но верувам дека има голем придонес за релаксирање на односите меѓу Албанците и Србите како два најголеми народи на Балканот и во таа смисла сигурно ќе биде подобро за идните генерации – посочува Шехоли.