Архива / Фото: Игор Бансколиев

Метеоролозите со предупредување до целиот Балкан

Јужниот дел на Европа го очекува рекордна жештина, со невреме. Слично како и минатото лето, градовите низ Балканот годинава може да очекуваат повеќе денови со температури над 32 Целзиусови степени. Ваквата најава ја презентира најпознатиот светски метеоролошки сервис „Акуведер“, во рамките на својата летна прогноза за цела Европа.
Метеоролозите Тајлер Ројс и Алан Реперт веруваат дека ова лето може да биде потопло од вообичаено за поголем дел од континентот. Ова лето, топлината може да има директно влијание врз милиони Европејци во форма на повисоки трошоци за ладење.
„Енергијата, генерално, може да биде проблем ова лето“, рече Ројс, „особено на Балканот до Франција и Германија“.
Според презентираните податоци, минатата година во Букурешт се забележани 35 дена со температури од или над 32 Целзиусови степени. Слично било и со Атина, каде што имало 67 дена со температура од најмалку 32 степена, што е значително над вообичаениот просек од 46 дена.
За годинава метеоролозите на „Акуведер“ годинава предвидуваат дека температурите ќе надминат 32 степена меѓу 31 и 38 дена во Букурешт и меѓу 55 и 63 дена во Атина. Топлите периоди ќе бидат придружени со суши, иако годинава се очекува да бидат поблаги од 2021 година.
Во втората половина на летото би требало да има повеќе грмежи отколку во првата. Сепак, тие, веројатно, нема да бидат доволно распространети за да стават крај на проблемите што ќе ги донесе периодот на суша. „Акуведер“ наведува дека грмежите би можеле да бидат меч со две сечила, во смисла дека до одреден степен ќе го ублажат периодот на суша, но дека ќе донесат сериозни временски катастрофи, вклучувајќи и бури што може да ги оштетат посевите со пченица и пченка.