Гледано од геополитичка перспектива, во регионот на Западен Балкан постојат неколку клучни елементи, кои се во исклучително тесна врска со тоа како ќе се одвиваат работите во Источна Европа, односно Украина. Тоа се еден вид политичко-безбедносни и економски „врзани садови“, на кои се фокусираат меѓународните експерти и кои внимателно ги следат и анализираат. Босна и Херцеговина, односно Србија се исклучително сензитивни политичко-безбедносни турбулентни точки, причинско-последично поврзани со украинскиот конфликт, анализираат експертите

Украинската криза и импактот во Србија и во БиХ

Воената операција во Украина и настаните што се менуваат како на филмска лента, разбирливо, се наоѓаат во фокусот на светската јавност. И државите на Западен Балкан внимателно ги следат состојбите во Украина, а за тоа имаат неколку причини. Гледано од геополитичка перспектива, во регионот на Западен Балкан постојат неколку клучни елементи, кои се во исклучително тесна врска со тоа како ќе се одвиваат работите во Источна Европа. Тоа се еден вид политичко-безбедносни и економски „врзани садови“, на кои се фокусираат меѓународните експерти и кои внимателно ги следат и анализираат. Во една од анализите што го обработуваат балканскиот импакт од актуелната криза во Украина, објавена вчера во италијанскиот аналитички центар „ОБЦ Трансеуропа“, како посебно значајни се посочуваат политичките, но и економските последици.

Босна и Херцеговина најранливата точка на Западен Балкан

Во политичкиот дел од анализата посебно место се посветува на Босна и Херцеговина, при што во воведот се цитираат зборовите на македонскиот претседател Стево Пендаровски, со кои тој ја коментирал ситуацијата околу Украина. „Ако Русија ја освои Украина, најранливата точка на Западен Балкан е Бања Лука“.
Босна и Херцеговина е под опсервација на меѓународната заедница со месеци, односно откако Милорад Додик, лидерот на Република Српска, донесе одлука за создавање, во Бања Лука, агенции и институции паралелни со оние што веќе постојат на национално ниво во Сараево. Ваквиот негов потег набргу беше наречен „најголемата егзистенцијална криза од крајот на војната“, од страна на високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит. Но она што уште повеќе ја вознемири јавноста е потегот на шефот на европската дипломатија, Џозеп Борел, кој во петокот го објави зајакнувањето на мировната мисија Еуфор Алтеа во Босна и Херцеговина: военото присуство на НАТО во земјата ќе се зголеми од 600 на 1.100 припадници. „Ќе видиме провокации во Западен Балкан, а особено во Босна и Херцеговина“, објасни Борел.
Ако на ова се додаде дека Додик не е единствениот што може да биде во искушение да дејствува, тогаш работите стануваа уште појасни. Драган Човиќ, водачот на хрватско-босанската националистичка партија ХДЗ-БИХ, исто така со месеци се залага за ревизија на Дејтонскиот договор и сонува за создавање „трет ентитет“. Загреб не крие дека сака да го поддржи проектот. Долгорочно, сепак, Брисел ќе мора да го реши проблемот со дијалог со Бања Лука (и Белград), како и со Загреб и со хрватско-босанските националисти. Сè додека не дојде до реформа што ќе ѝ овозможи на Босна и Херцеговина да стане функционална земја, кризата може само да се одложи, а не да се избегне, се додава во анализата.

Дали Србија ризикува застој на својот евроинтегративен процес?

Во продолжение на анализата се укажува дека само две држави во Европа не се усогласиле со ставот на Брисел, осудувајќи ја руската инвазија и воведувајќи санкции против Москва. Тоа се Белорусија и Србија, на која ѝ се посветува поголем простор при што се укажува дека Русија е долгогодишен сојузник на Белград, како и незаменлив енергетски и дипломатски партнер. Накратко, вртењето грб на Москва може да има многу висока цена за Србија, се вели во анализата. Притоа, се укажува на уште еден аспект на внатрешната политика: на 3 април, Србија е повикана да гласа за претседателските, законодавните и административните избори. Следењето на Брисел во ударот врз Москва може да предизвика изборен пораз.
Од друга страна, пак, напуштањето на Брисел ќе има реперкусии. Неколку европратеници веќе ја изразија својата огорченост од изборот на Вучиќ. Сепак, не мислат сите така. Српскиот политиколог Срдан Цвијиќ, на пример, наведува дека „во минатото веќе имало ситуации во кои Брисел можел да го прекине процесот на интеграција, на пример поради влошување на владеењето на правото или слободата на изразување, но не го стори тоа“. Затоа, играта е отворена и сè изгледа возможно, исто така во светлината на брзината со која Европската Унија ги менува своите десетгодишни политики.

Забрзување на балканските нечленки на НАТО кон НАТО?

Кога се зборува за регионот, незибежно е да се укаже и на тенденцијата да се влезе во НАТО. Пет земји од Западен Балкан во моментов се членки на НАТО: Словенија (од 2004 година), Албанија и Хрватска (од 2009 година), Црна Гора (2017 година) и Македонија (2020 година). Токму двете последни зачленувања, особено, беа проследени со контроверзии во регионот и со поплаки од Русија. Во ситуација кога Србија, Босна и Херцеговина и Косово останаа надвор од Алијансата, па дури и се чувствуваше дека „НАТО покажуваше знаци на замор“ до тој степен што Емануел Макрон во 2019 година зборуваше за неговата „мозочна смрт“, по настаните во Украина, Атлантската алијанса повторно е во мода, дури и на Балканот.
Во Косово, на пример, Владата во неделата повика на создавање постојана база на НАТО и почеток на забрзан пристапен процес (иницијатива што Вучиќ ја смета за „идеја на американското и европското лоби“). Како што е познато, сепак, пет земји-членки на Европската Унија – Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар, при што првите четири се исто така дел од НАТО – сè уште не ја признаваат независноста на Косово. Затоа е тешко да се помисли дека барањето на Приштина ќе биде уважено. Но вреди да се повтори, многу табуа деновиве пропаѓаат, додава медиумот.
Што се однесува до Босна и Херцеговина, од друга страна, земјата преговара за нејзиниот официјален влез од 2008 година, а последното ажурирање е забележано во 2018 година, кога Алијансата го одобри Акцискиот план за членство (МАП), напредната фаза на мониторинг што му претходи на членството. Наспроти сите внатрешни превирања и контроверзии, самиот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својот петочен говор ја спомена Босна и Херцеговина, уверувајќи поддршка за земјата.

На повидок нова економска криза на Западен Балкан

Последниот развој на настаните што го анализира италијанскиот медиум е поврзан со санкциите наметнати на Руската Федерација и последиците што тие би можеле да ги имаат на Западен Балкан. Економската тежина на Русија на Балканот не е огромна, имајќи предвид дека првите трговски партнери и големи инвеститори во регионот се европските земји. Сепак, руското присуство влијае особено на некои сектори, како што се снабдувањето со природен гас и банките, а државите се изложени на различни начини. Што се однесува до извозот од Балканот во Русија, тој ретко сочинува повеќе од 2 отсто од националниот БДП, додека увозот главно се состои од природен гас во сите земји од регионот.
Конечно, банкарскиот сектор е оној во кој конфликтот се чини дека има најнепосредно влијание. Европската филијала на Сбербанк е во ризик од банкрот и има капитал од 13,6 милијарди евра во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Србија, како и во Австрија, Германија, Чешка и Унгарија. ВТБ, втората по големина руска банка, е присутна и на Балканот. Во Хрватска, на пример, прехранбената групација „Агрокор“ (која стана Фортенова по неодамнешното реструктурирање), сопственик на супермаркетите „Конзум“ и со над 50.000 вработени, е во рацете на ВТБ и Сбербанк. Накратко, без да ги спомнуваме интересите на пазарот на недвижности (особено важно во Црна Гора), Русија е финансиски присутна на Балканот во некои стратегиски сектори, кои ризикуваат да бидат разнишани во наредните денови.