Бугарија започна разговори со Атина за изградба на нова нуклеарна централа на бугарска територија што ќе ја користи Грција според долгорочен 20-годишен договор, објави во неделата вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев.
Бугарија има два руски нуклеарни реактори, кои беа нарачани и испорачани, но останаа неискористени три години. Новата бугарска влада сигнализира дека е подготвена да изгради нов нуклеарен реактор во постојната електроцентрала „Козлодуј“. Веста што ја соопшти вицепремиерот значи дека со помош на Грција би можел да заживее проектот за втора нуклеарна централа кај Белене.
Василев рече и дека Бугарија ќе стане акционер во пристаништето Александрополис и ќе има излез до Егејско Море. Земјата во моментов има удел во терминалот за течен гас во Александрополис.
Бугарија има планови и подготовки да спречи енергетска криза – рече Василев.
Тој додаде дека пред две недели Владата знаела дека ќе има војна во Украина.
Бугарската влада исклучително активно се подготвува за оваа војна со алтернативни извори на енергија, со целосен преглед на резервите и со сите други мерки што мора да се преземат воено – објасни вицепремиерот.
Василев не очекува реакција од Русија кон Бугарија, туку кон цела ЕУ.
На краток рок, прекинувањето на снабдувањето со гас може да направи најголема штета. Тоа е она на што работевме. Грција веќе ни го продаде дополнителниот гас што не го користи. Имаме договор со нив за помош и со струја, доколку е потребно – додаде министерот.
Бугарија предвидува пакет финансиски мерки за помош на бегалците од Украина да го започнат својот живот во Бугарија. Меѓу нив е механизам за давање кредити за купување имот и започнување бизнис.