Европската Унија инсистира на тоа дека Приштина мора што поскоро да формира заедница на српски општини, во согласност со Бриселскиот договор од 2013 година, но нема можност да го „натера“ Косово на тоа, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
– Основањето заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) беше договорено од двете страни, Косово и Србија, во Бриселскиот договор од 2013 година. Договорот беше ратификуван од косовскиот парламент и Косово треба да ја исполни својата законска обврска и да го спроведе без одложување. Двете страни треба да ги исполнат сите свои меѓународни правни обврски и да ги спроведат договорите што чекаат, како и да вложат дополнителни значајни напори за постигнување сеопфатен правнообврзувачки договор за нормализација на односите, што е од клучно значење за нивниот европски пат – се наведува во писмената реакција на Борел.
Потпретседателот на Европската комисија и шеф на службата за надворешни работи на ЕУ додаде дека „задоволувањето на потребите на малцинската српска заедница во Косово е од големо значење за ЕУ во Косово“ и дека Брисел внимателно го следи развојот на ситуацијата во овие области.
Унијата во повеќе наврати наведе дека немаат механизми да ги „присилат“ двете страни да ги почитуваат потпишаните договори, туку само да ги потсетуваат на ова, но и дека во согласност со исполнувањето на обврските, и Косово и Србија ќе напредуваат на нивниот пат кон ЕУ.