Фото: Принт-скрин

Втор ден во тек е евакуацијата на генералниот конзул на Грција во Мариупол, Манолис Андрулакис, кој требаше да пристигне во Запорожје, но поради бомбардирањето, планот бил променет, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас пред грчкиот парламент денеска информираше дека конзулот е на пат да ја напушти Украина, но сè уште не ја има напуштено државата.

– Предвидено беше да оди во Запорожје, како што ви кажав вчера. Запорожје беше бомбардирано утрово. Потребна беше промена на планот, но во секој случај се надеваме дека најдоцна до утре вечер ќе биде во европските граници, објасни Дендиас.

Генералниот конзул во изминатиот период беше засолнат во објектот на ОБСЕ заедно со персоналот на организацијата, а нивната евакуација, како што соопшти шефот на грчката дипломатија, започна вчера.

Според грчките медиуми, конзулот Андрулакис е последниот дипломат од ЕУ што го напушти Мариупол.