Фото: Игор Бансколиев

Деновиве на иста „фреквенција“ се најдоа бугарските и косовските политичари, кои со своите изјави со умисла предизвикуваат етнонационални тензии со тенденција за административни гранични прекројувања на Балканот, јавајќи на бранот на украинската криза, а заради остварување свои долгогодишни територијални претензии

Косовскиот премиер го копира
бугарскиот хегемонистички метод
„еден народ, две држави“

Промовирањето на концептот „еден народ во две држави“ повторно станува актуелен во дневната реторика кај дел од балканските лидери, кои сопственото политичко дејствување и опстојување ги темелат на историските соништа за големи држави. Случајно или не, деновиве на иста „фреквенција“ се најдоа бугарските и косовските политичари, кои со своите изјави предизвикаа сериозни потреси на и така кревкиот безбедносен простор на Балканот. Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за грчки „Катимерини“ изјави дека „во Косово и Албанија живее еден народ“, како и дека „границата ја наметнаа Југославија и Србија“. Тој вели дека воопшто не е загрижен за можната нестабилност во регионот што би ја предизвикало „мирното обединување на Косово со Албанија“. Според Курти, Албанија и Косово се две различни држави, но не и два различни народа.
– Тоа е граница што не е наша. Кога Србија ќе го нападне Косово, ние не реагираме само како Косово, ние реагираме како албански народ, бидејќи Србија има многу близок сојузник во Москва и е поголема од нас, така што реагираме на начин што нѐ приближува на успешна одбрана – изјави Курти за грчкиот весник.
Бришењето на постојните државни граници и обидите за етничко обединување во досегашната историја на Балканот водеа кон војна и губење многу човечки животи. На целиот балкански простор живеат припадници на исти народи, но во другите земји тие претставуваат малцинства. Според експертите, границите на Балканот се прифатени и признаени од ОН, не може да се менуваат под некаков политички екстремистички изговор.

– Тезата за еден народ во две држави што ја промовира Курти е сосема погрешна. Нема држава во која живее само еден народ. Но, секако, носител на државноста е мнозинскиот народ во една земја. Поместувањето на границите е сосема погрешен пристап во смисла на остварување на правата на етничките заедници, односно малцинства во другите земји. Затоа и изјавите на Курти се несоодветни и би претставувале опасен преседан со евентуалното поврзување на истиот народ од Косово и Албанија, како што ќе претставуваат и преседани како за други региони во Шпанија, Франција и сега во Украина. Инсистирањето на тезата секој народ да живее во една држава, за да се остварат или заштитат правата на граѓаните е лош изговор. Невозможно е државните граници да бидат поставени врз основа на целиот простор каде што живеат припадници на еден народ. Тоа неминовно носи до насилно менување на границите и до сериозни безбедносни ризици. Затоа, почитувањата на правата на малцинствата треба да произлегуваат од меѓународното право и декларациите на ОН и, секако, од националните законодавства, кои треба да гарантираат еднакви права за секој граѓанин, без разлика на етничката припадност – ни изјави Оливер Андонов, политички аналитичар и професор од областа на безбедноста.
Што се однесува на тврдењето на Курти за „мирното“ поврзување на Албанците од Косово и Албанија, постои сериозен безбедносен ризик од насилно менување на границите во регионот. Според Андонов, Косово не е признаена држава во ОН и секое менување на границите би довело и до прекршување на Резолуцијата 1244 на ОН, на чие доследно почитување се залага Србија.
Сите држави и ентитети на Западен Балкан ја презеле меѓународната регулатива поврзана со заштитата на малцинските и човековите права. Меѓутоа, практиката за нивното спроведување покажува сосема друга слика, заклучува Драган Ѓукановиќ, виш научен соработник во Институтот за меѓународна политика и стопанство од Белград, во поширокото истражување за остварување на правата на малцинствата во земјите од Западен Балкан.

– Во уставите и законите на овие земји јасно се наведени рамковните права на етничките малцинства, како и начинот на нивната имплементација. Но остануваат голем број проблеми што се однесуваат на остварување на наведените права од локалната самоуправа до државно ниво. Низа отворени прашања овозможуваат дополнителна етнонационална хомогенизација, натамошна изградба на (недовршени) етнички идентитети, но може да послужат и како основа за несакана радикализација и појава на одредени нестабилности во регионот на Западен Балкан. Постојаното инсистирање на малцинските прашања неретко се користи и како тема што го одвлекува вниманието од тековните и горливи прашања поврзани со состојбата во економијата во западнобалканските општества – нагласува Ѓукановиќ.
Како основа за почитување на правата на малцинствата, сите држави треба да тргнуваат од текстот на Универзалната декларација за човековите права, која е усвоена од Генералното собрание на ОН. Со оваа декларација се предвидуваат сите прaвa и слoбoди, кои им припaѓaaт нa ситe луѓe, бeз oглeд нa нивнитe рaзлики, кaкo штo сe рaсa, бoja, пoл, jaзик, рeлигиja, пoлитичкo или другo убeдувaњe, нaциoнaлнo или oпштeствeнo пoтeклo, сoпствeнoст, рaѓaњe или друг стaтус. М.Ј.