Сега, на просторот на целата поранешна територија на Југославија живеат речиси 2,7 милиони жители помалку од 1991 година

Како од поранешните југословенски републики се иселија милиони жители

Пописите на населението во земјите од регионот покажуваат загрижувачки податоци за одлив на жителите од поранешните југословенски републики. За една деценија, Хрватска ја напуштиле 400 илјади жители, а Македонија за две децении изгубила 185.000 жители. Сега, на просторот на целата поранешна територија на Југославија живеат речиси 2,7 милиони помалку од 1991 година.
Според пописот од 1991 година, најмногу население имала Србија со 9,8 милиони жители. Во Србија (без Косово и Војводина) живееле 5.808.906 луѓе. Во Војводина имало 2.031.992 жители, а во Косово бројките се статистичка процена, бидејќи мнозинството Албанци го бојкотирале пописот.
Хрватска пред распадот на поранешната југословенска заедница имала 4,8 милиони жители, Босна и Херцеговина 4.365.369, Македонија имала над два милиони жители, а Словенија речиси два милиона. Црна Гора била најмалку населена со 615 илјади жители.
Со најновите пописи се гледа дека бројот на населението на овие простори видливо е променет. Србија со пописот од 2011 година има 7.186.862 жители. Со пописот не е опфатено Косово, а имало и делумен бојкот во Прешево, Бујановац и Медвеѓа. Србија за последните 20 години изгубила 650 илјади жители. Се очекува на пописот во октомври 2002 година да има поголем одлив на луѓе. Процените се дека Србија ќе падне под седум милиони жители.
Хрватска денеска има 3.888.529 жители или 900 илјади помалку од пописот во 1991 година. Босна и Херцеговина во 2013 година имала 3,5 милиони жители. Намалувањето на бројот на жители во оваа земја изнесува 834 илјади.
Македонија во 2022 година има 1.836.712 жители или за 19 години изгубила речиси 190 илјади жители. Словенија на пописот во 2011 година имала сто илјади жители повеќе од пописот во 1991 година. Во Црна Гора живееле пет илјади луѓе повеќе од 1991 година.
Војните во поранешна Југославија се главен фактор за намалување на бројот на населението. Меѓународниот центар за транзициска правда проценува дека во војните загинале 140 илјади луѓе, а четири милиони биле бегалци или интерно раселени лица. Најголема загуба во човечки потенцијал претрпела Босна и Херцеговина, во која животот го изгубиле сто илјади лица. Војната на просторот на Хрватска одзеде 20 илјади животи, а во Косово 13.500. Поголема причина за масовното иселување е негативниот прираст што е забележан на целиот Западен Балкан. Последните години, за иселувањето од поранешните југословенски држави причина е економската миграција на помладата генерација, која масовно се иселува во западноевропските земји и во светот, пишува „Ал џезира“.