Илустрација/Фото: МВР

Масовното убиство во црногорско Цетиње, во кое оружен напаѓач во петокот усмрти единаесетмина, го отвори прашањето за достапноста на огненото оружје на Балканот, каде што 90 отсто од сето оружје е во рацете на граѓаните објавува „Би-би-си“ на српски јазик.

Се проценува дека граѓаните во регионот имаат девет пати повеќе оружје отколку војската и полицијата, при што Србија и Црна Гора предничат според количеството оружје по глава на жител, според анкетата за лесно оружје од 2018 година.

– Политичката и општествено економската нестабилност на Балканот во последните 30 години и честите дневно-политички закани со нова војна доведуваат до состојба во која многумина граѓани не се подготвени да се одрекнат од оружјето, туку го чуваат и за недај боже – вели Предраг Петровиќ, директор за истражување во Белградскиот центар за безбедносна политика, во изјава за „Би-би-си“ на српски јазик.

Се смета дека има 30 парчиња оружје на секои 100 жители на Балканот, додека САД се водечки во светот со 120 парчиња оружје на сто жители, како што покажуваат податоците во анкетата.

Во Србија и во Црна Гора има по 40 парчиња оружје на секои 100 жители, во БиХ има 31 парче оружје, а во Македонија 30 парчиња на сто жители, додека таа бројка на Косово изнесува 24 парчиња на секои сто жители. Се смета дека во Хрватска и во Албанија има далеку помало количество на оружје во сопственост на жителите.