Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград разговараше со австрискиот министер за европски и меѓународни прашања Александар Шаленберг за билатералната и економската соработка, европската интеграција на Србија, геополитичките прашања и мирот и стабилноста на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.

– Шаленберг му го претстави на Вучиќ нон-пејперот кој Австрија неодамна го проследи до земјите-членки на ЕУ со желба да го направи процесот на проширување на ЕУ многу поопиплив, но и да создаде можност земјите-кандидатки постепено да се интегрираат во политиките на Европската унија од кои сите ќе имаат корист – се наведува во соопштението на прес службата на српскиот претседател.

Претходно Шаленберг на прес конференцијата со шефот на дипломатијата Никола Селаковиќ кажа повеќе во врска со австрискиот нон пејпер.

– Нашиот предлог е земјите од регионот чекор по чекор од една област во друга, без разлика дали е енергетика, сообраќај или нешто друго, да ги третираме како полноправни членки. Европската перспектива не е еднонасочна улица. Се соочуваме со радикален потрес на нашиот безбедносен систем во Европа. Никој не може да се надева дека ќе биде само посматрач од страна – подвлече тој.

Тој објасни дека предлогот на таа земја претставен во „нон-пејперот“ нема никаква врска со војната во Украина, туку се работи за добро познатиот став на Австрија, дека европската перспектива на земјите кандидати мора да биде поконкретна.

– Важно е да се нагласи една работа, идејата што ја презентиравме во „нон-пејперот“, тој австриски предлог нема никаква врска со рускиот напад врз Украина. Тоа се идеи што делумно ги изнесувам долго време – рече Шаленберг.

Како што појасни, станува збор за идејата наместо да се размислува „во шаблони“, што подразбира дека постои целосен пристап, а пред тоа преговори, додека измеѓу постои само економски простор, не може да се продолжи исклучиво со тоа.

Тој рече дека процесот на евроинтеграции е премногу бирократски и мора да се најде начин луѓето во ЕУ, но и во земјите кандидати да имаат чувство дека членството во Унијата е нешто за што сериозно се размислува и дека веќе има конкретни резултати.

– Се работи на тоа да се започне дебата. Австрија е толку тесно поврзана со регионот што наш суштински, личен и геостратешки интерес е овој регион да се развива во насока на просперитет. А тоа ќе биде можно само во ЕУ – рече Шаленберг.