Фото: Игор Бансколиев

Грција

Грција повеќе не е „црната овца“ во Европа, туку е кредибилен партнер, држава што учествува во создавањето случувања, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор за Грција, по неговото истекување на 20 август годинава, со што и официјално ќе заврши 12-годишната криза во земјата.

Поради успешното исполнување на најголемиот дел од политичките обврски на Грција, министрите ја поздравиле намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор по 20 август 2022 година, а тоа, „во комбинација со претходното укинување на контролата на капиталот и целосната отплата на заемите од ММФ, ќе ги врати условите на нормалност во Грција за првпат од 2010 година“.
– Со ова се затвора болниот циклус отворен пред 12 години. И, во исто време, се отвора нова ера на автономни избори за развој на земјата и просперитет на нејзините граѓани. Така, по укинувањето на капиталните ограничувања и отплатата на заемите од ММФ, се постигнува и третата цел што од самиот почеток ја постави Владата, отворајќи го патот кон големата национална цел: стекнување инвестициски рејтинг што отклучува уште повеќе можности за просперитет за сите, истакна грчкиот премиер.

На состанок на Еврогрупата бил разгледан напредокот на Грција во спроведувањето на реформите и нејзините макроекономски изгледи, врз основа на 14-от извештај за засилен надзор на Европската комисија.